Бизнис
15. February 2022 - 21:16

Анализа: Што покажува статистиката за смртноста од Ковид-19 во однос на вакцинирани, невакцинирани и со коморбидитети

За само еден месец 653 пациенти ја загубија битката со Ковид-19. Бројот на смртни случаи од 8.115 се зголеми на 8.768.

Според извештајот на Институтот за јавно здравје, само во минатата недела починале 175 заразени со Ковид, а 59 од нив биле вакцинирани. Кај 160 од починатите регистрирани се коморбидитети. Ваква слика речиси и се пресликува од недела во недела.

Ако се споредат податоците од минатата недела, како и од втората недела од јануари може да се види дека иако бројот на новозаразени е помал, сепак бројот на починати, но и хоспитализирани и пациенти на кислородна поддршка е далеку поголем. 

За споредба, во втората недела од јануари починале 55 заразени со Ковид. 

Но, меѓу починатите има и вакцинирани луѓе кои немале никакви коморбидитите. Пулмологот д-р Злате Мехмедовиќ во гостувањето во Тема на денот рече дека Ковид-19 е многу непредвидлива болест која не засега само еден орган, туку станува збор за мултисистемско заболување.

-Во моментите кога имате нарушување, пред се, на имунолошкиот систем, потоа засегање на повеќе органи, не само на белите дробови, туку и на кардиолошкиот, невролошкиот, ендокринолошкиот. Значи, имате практично еден таргет којшто е дисеминиран во организмот. Многу повеќе органи се засегнати и најчесто кај таквите доаѓа до т.н. акутен респиспираторен стрес синдром или откажување на повеќе органи од еднаш, вели Мехмедовиќ.

Од вчера Здравство не објавува колку од починатите биле вакцинирани. Според Мехмедовиќ, необјавувањето се должи на тоа што податоците бараат посериозна епидемиолошка анализа. Вели дека во наредниот период овие податоци ќе бидат објавени во јавноста за да се даде точна слика за тоа каков е соодносот меѓу починатите вакцинирани и невакцинирани пациенти. 

Инаку, за еден месец и бројот на реинфекции е зголемен за 5.698, а за 19 е зголемен бројот на втори реинфекции.