Македонија
7. February 2022 - 16:51

Регионална група објави хакерски напад врз МОН, стручните лица предупредуваат дека институциите не се безбедни

Личните податоци на учениците и наставниот кадар се безбедни. Компјутерскиот систем не е пробиен, информираат од Министерството за образование, откако налог на социјалните мрежи со име “Моќна грчка армија” објави дека ја презеле контролата врз надгледните камери во МОН, но и интернет-страницата.

Од Министерството велат – станува збор за лажна вест.

“Веста која е објавена на социјалните мрежи и која брзо се прошири, не е точна. Видео снимките од безбедносни камери кои се прикажуваат, не се од простории на министерството. Апелираме до граѓаните да не наседнуваат на шпекулации и да бидат спокојни по однос на прашањето за зашитита на личните податоци со кои располагаме за учениците, студентите, наставниот кадар и слично. Системите на МОН се соодветно заштитени”, се вели во соопштението.

Македонија е ранлива по ова прашање, велат експертите. Ако сакаме информатичка безбедност, ни треба сеопфатно законско решение со кое ќе се подигне степенот на заштита од хакерски напади.

“Кај нас АНБ меѓудругото треба да ги штити носителите на високи државни функции, но и граѓаните во целина, од можни вакви напади и прислушкувања. Но тој систем веројатно е во почетна фаза и треба да се надоградува и да се развива. Посебно како членка на НАТО имаме обврски, а веројатно ќе имаме и стручна помош како да се штитиме од сајбер нападите”

Во Македонија фали и кадар и ресурси за справување со сајбер ризиците, а хакерските упади ќе бидат предизвик со кој допрва ќе се справуваме, констатира професорот Димовски.

“Во минатото имавме многу упади, иако тоа може до јавноста не е стигнато. Имавме повеќе упади, особено на официјални институции кои не беа нападнати со класичен систем на извлекување на информации, туку едноставно со ставање на памфлети. Така што дефинтивно ќе мора на овој проблем, кој допрва ќе биде проблем како закана и како ризик, ќе мора да обратиме поголемо внимание и практично, да формираме една институција која ќе се грижи за информатичката безбедност”.

И Димовски, како и Трајанов, повикува на поголема свест за сајбер заканите и учество на политичко – безбедносниот врв во изградба на посигурен информатички систем.