Земјотресите оштетија манастир заштитен како културно наследство
Манастирот Свети Ѓорѓи во селото Велушина кој датира од 1936 година и е заштитен како културно наследство е оштетен од серијата земјотреси во битолско. Тој се наоѓа на надморска височина од 800 метри и е во непосредна близина на епицентарот на земјотресите. Домаќинот на манастирот сведочи дека од неделата спијат надвор во автомобилот и постојано се на штрек.
-Во олтарот, фреските се распаѓани, има икони оштетени, фасадата, камбанаријата е многу оштетена, не можам да ја бијам дури не се обнови, ќе падне. Сношти со силниот земјотрес падна западниот ѕид од конакот. Манастирот е мојата душа, вели Стево Петров, домаќин на манастирот.
Конзерваторите од битолскиот музеј денес направија увид во состојбата.
-Се надевам дека ќе можат да се добијат интервентни средства за да се направи превентивна заштита, онаму каде е итно, ќе мора итно да се заштити, Пливера Макриевска, советник конзерватор.
А за состојбата и штетите од земјотресот денеска во општина Битола работна средба имаа градоначалникот со висока владина делегација. Констатирано беше да се работи заеднички на итна санација на јавните институции.
-Она што значи обештетување на граѓаните, законски треба во рок од 360 дена да поднесе извештај комисијата, но се согласивем комисијата тоа да го направи побрзо и пообјективно, изјави Горан Милевски, министер за локална самоуправа и координатор
Покрај општинската комисија, на терен се и претставници од ИЗИС.
-Само вчера има 600 пријави за штети, комисијата активно работи, ако има наплив, подготвени сме за втора комисија да оформиме, изјави Тони Коњановски, градоначалник на Битола.
Граѓаните можат да поднесуваат барања до 26 јануари.
-
Маја Богоевска
Сите содржини од овој новинар