Бесими: Обезбедена финансиската рамка за гасоводот кон Грција
Обезбeдени се средства за реализација на проектот за изградба на интерконективен гасовод меѓу Република Македонија и Грција, информира министерот за финансии Фатмир Бесими по потпишувањето на Договорот за гаранција со потпретседателката на Европската инвестициска банка, Лилјана Павлова. Воедно се потпиша и финансискиот договор меѓу Национални енергетски ресурси (НЕР) и ЕИБ. Вкупната инвестициска вредност на проектот изнесува 57,8 милиони евра, при што со потпишување на конкретниот договор за заем се обезбедуваат 28,9 милиони евра.
Како што посочи Бесими, преку инструментот ВБИФ се обезбедуваат дополнителни 12,4 милиони евра како инвестициски грант, којшто ќе го управува Европската инвестициска банка, за што, исто така, беше потпишан договор меѓу НЕР и ЕИБ. Преостанатите 16,5 милиони евра ќе се обезбедат од ЕБОР за што Владата во наредниот период ќе поднесе посебен Предлог-закон за гаранција.
-Проектот за изградба на гасоводот е еден од најприоритетните проекти за двете држави, за регионот, како и за Енергетската заедница и е поддржан од сите релевантни европски институции. Реализацијата на овој проект ќе обезбеди стабилност во снабдувањето со енергија, пред сè во индустријата, што ќе доведе до економски развој на сите региони во Република Македонија, нагласи министерот Бесими на потпишувањето на Договорот.
Проектот „Интерконектор за пренос на природен гас Грција – Македонија, дел на Македонија“, како што вели министерот Бесими, е од стратешко значење за нашата земја. Неговата имплементација ќе придонесе кон обезбедување забрзан и одржлив економски раст, повисок животен стандард и подобар квалитет на живот на граѓаните.
Притоа, министерот Бесими се заблагодари на континуираната поддршка што ЕИБ ѝ ја дава на нашата земја.
Потпретседателката на Европската инвестициска банка Павлова рече дека како Банка на ЕУ и дел од Тим Европа, ЕИБ со задоволство го поддржува овој приоритетен проект на ЕУ, дел од Економскиот и инвестициски план, што е стожер на националната Стратегија за енергетика на Република Македонија.
-Исто така, проектот е поврзан и со претходната заложба на Банката кон зајакнување на енергетската сигурност на Западен Балкан преку намалување на зависноста од само еден извор на снабдување со гас. Истиот ќе овозможи пристап до разни извори, ќе обезбеди снабдување во случај на недостиг и ќе ја зголеми пазарната конкуренција преку поврзување со сѐ подиверзифицираниот пазар на природен гас во Грција. Како приоритетен проект за Европската Унија и за Иницијативата за гасно поврзување на Централна и Југоисточна Европа (CESEC), ќе му помогне на регионот постепено да го елиминира јагленот, и притоа да ја зголеми поврзаноста и да создаде услови за заеднички регионален пазар, како и за привлекување нови инвестиции, истакна Павлова.
Проектот ќе го имплементира Акционерското друштво за вршење енергетски дејности „Национални енергетски ресурси“ – Скопје, во државна сопственост. Неговата реализација е предвидена и со Буџетот за 2022 година во кој капиталните инвестиции се на историски највисоко ниво.
Ново на Сител
-

Славески: Забележлива тенденција на намалување на банкарските провизии
-

МФ: Продолжува примената на повластената стапка на ДДВ од 5 проценти на новоизградени станови до крајот на 2028 година
-

Претседателот на Уставниот суд најавува нова ера на транспарентност и судски активизам
-

МЗШВ: Исплатени над 39 милиони денари на 663 оризопроизводители
-

Мицкоски најави 150 нови возила за Итната медицинска помош низ Македонија
-

39-годишен маж ги нападнал мајка си и сопругата
-

Тошковски: „Безбеден град“ директно придонесе да се намали бројот на повредени лица, наскоро информација и за казните
-

Хоџа: Борбата против аерозагадувањето е мој приоритет, нула толеранција за загадувачите
