Бизнис
19. November 2021 - 21:18

Растот на цените го „изеде“ покачувањето на просечната плата

Растечките цени го изедоа покачувањето на просечната плата. Според државната статистика, во септември годинава просечната плата изнесувала 28.869 денари. Растот во однос на истиот месец лани изнесува 5,3% или 1464 денари. Исто така според статистика, тука некаде и растот на трошоците за живот и цените на мало. Или поконкретно, минатата недела статстичарите пресметаа дека за една година, цените на мало во земјава пораснале за 6,1%, а трошоците на живот се зголемиле за 4,1%.

Во октомври годинава, храната била поскапа за 4,9% споредено со лани истиот месец. Од тоа, лебот поскапел за 3,2%, месото за 3%, маслата за 24,9%, зеленчукот за 12%.

Зголемувањето на цените е најголемо кај нафтените деривати. Лани во овој период литар бензин 95 чинел 60 денари, 98 61,5, дизлот 51 денар за литар. Сега 95 е поскапа за 15 денари,  98 за 15,5, а дизелот за 17 денари за литар. Или лани за 1.464 денари колку што е растот на платата за една година можеле на се наточат 24,4 литри бензин и 28,7 литри дизел. Сега за истите пари во резервоарот влегуваат 4,9 литри помалку бензин и 7,2 литри помалку дизел.

Инаку, над просекот од 28.869 денари заработуваат информатичарите, банкарите, енергетичарите, здратвството и јавната управа. Сите останати имаат просечна плата под државниот просек. Најнизок просек имаат вработените во индустријата, земјоделството и  услужните дејности.

Со растот на просечната плата денеска се пофали и премиерот Заев. 

Економските мерки и политики што ги спроведува Владата за раст на просечната и на минималната плата даваат резултат. Според трендот и реалните очекувања, просечната плата планираме да ја донесеме до ниво од 34.000 денари до средината на 2024 година, напиша премиерот на Фејсбук.