ТЕЦ Неготино има мазут за само еден месец, ќе има ли кој да обезбеди доволно на најавениот тендер?
Македонија има резерви на мазут за само еден месец да ја покрие работата на ТЕЦ Неготино и тоа само на еден котел. Од таму за Сител велат дека вкупните количини со кои располага нашата држава се околу 17 илјади тони мазут - дел се од стоковите резерви, дел од ТЕЦ Неготино. Затоа за десетина дена ќе биде распишан повик за набавка на мазут, за да може да се активира термоцентралата. Ќе биде рамковна спогодба за шест месеци. Ќе се бараат фирми кои ќе може да испорачаат количини мазут за да може да работи само едне котел. За да се активира и вториот неопходни се над 30 илјади тони мазут месечно.
За почеток ќе биде вклучен само еден котел од термоцентралата со капацитет од 90 мегавати. Се очекува ТЕЦ Неготино со работа да почне кон средната на ноември. Но во координација со ЕСМ постојано ќе се следи работата на РЕК Битола. Ако има потреба ќе биде вклучен и вториот котел од термоцентралата за да се обезбедат потребните количини, велат од ТЕЦ Неготино.
Во меѓувреме дел од фирмите кои се занимаваат со трговија на мазут и еуродизел немаат резервоари за складирање, поради што РКЕ одлучи да им ги одземе лиценците.
Двајца трговци на големо не доставија докази дека имаат резервоари за складирање на дел од нафтени деривати, што се основни средства за работа. Токму поради тоа што не поседуваат основи средства РКЕ донесе одлуки со кои им ги одзеде лиценците за вршење на енергетска дејност за Еуродизел БС на Гуливер Инжинеринг и на Пертинакс за мазут. Овие трговци не можат да тргуваат со овие поединечни деривати, затоа што немаат лиценца, велат од РКЕ.
За да се покријат домашните потреби од струја во земјава, се донесе одлука да се активира ТЕЦ Неготино кој не работи повеќе од 10 тина години. Иако експертите сметаат дека активирањето на овој објект ќе не чини приближно исто ако увеземе струја, надлежните уверуваат дека е далеку поевтино. Од друга страна ЕСМ по втор пат се обидува да ги обезбеди потребните количини на јаглен за третиот блок во РЕК. Во моментов земјава произведува приближно 300 мегавати, а потребни се околу 500 мегавати електирчна енергија за целосно покривање на потребите.
-
Ирена Чачкова
Сите содржини од овој новинар