Македонија
12. August 2021 - 16:46

Интересот на конкурсот за попишувачи слаб - партиите и натаму се спорат околу методологијата

Конкурсот за реонски попишувачи за пописот во септември завршува денеска на полноќ, објавија од Државниот завод за статистика. Сепак, не е исклучено за се направи и дополнителен повик имајќи пред вид дека не се пријавени доволен број на попишувачи.

Станува и неизвесно дали и како ќе се спроведува статистичката операција имајќи ја предвид влошената состојба со коронавирусот, што пролетта беше причина за одложување на пописот.

Опозицијата пак, реагира и на методологијата на попишување особено во делот на тоа дали дијаспората треба да влезе во вкупниот број на население и дали е во ред попишување на друго лице само со матичен број. Прекинати се и разговорите на ниво на работни групи со власта.

Од владејачката СДСМ велат методологијата е утврдена и нема да се менува. Сметаат дека пописот ќе биде целосно безбеден по здравјето и на попишувачите и на граѓаните.

„Сите надлежни институции се подготвени за реализација на оваа многу значајна статистичка операција, со целосна заштита на здравјето на граѓаните и попишувачите, согласно соодветни протоколи за спроведување на пописот и засилениот процес на масовна вакцинација“, велат од СДСМ.

Во меѓувреме иницајативата „Не отворам врата“ вели дека нема услови и за одложениот попис.

Пописот на населението треба да се спроведе од 5 до 30 септември. До тогаш продолжува и електронското самопопишување на државјаните кои се на привремена работа или престој во странство. Досега, преку апликацијата за самопопишување, евидентирани се вкупно 190 359 лица од дијаспората.