Македонија
11. July 2021 - 16:50

Ќе се вратат ли туристите и годинава во Преспа

И покрај значително опаднатото ниво на езерото, минатата година во Преспа имаше голем број туристи, а ковид пандемијата и затворените граници придонесоа за домашниот туризам. Но, каква ќе биде оваа летна сезона за Преспа? Изминатиот период се работеше на уредување на плажите.

-Се уште имаме проблем со Преспанското Езеро, нивото на водата опаѓа и тоа ни создава голем проблем како туристичко место. Овој период интензивно работевме во уредувањето, чистењето на плажите, затревените површини. АРМ ни помогна во уредувањето на плажите и самите сопственици на локали зедоа учество и навистина имаме една многу подобра слика пред почетокот на туристичката сезона, вели Живко Гошаревски, градоначалник на Преспа 

Но, повлекувањето на езерото не е пречка посетителите и туристите постојано да се враќаат во Преспа. Самата местоположба, но и квалитетот на воздухот е незаменлив, вели Никола Кипровски.

-Прекрасна природа, планина, езеро, без разлика во која ситуација е, планини, воздухот е многу квалитетен. Често доаѓам и овде се чувствувам многу пријатно. Пријателите ми кажуваат дека кога ќе дојдам овде дека се менувам во позитивна смисла, вели Никола Кимпровски, посетител.

Наидовме и на семејство од Германија кои со две мали деца дојдоа во Преспа да уживаат како што велат во мирот, чистиот воздух и природата.

-Не е бучно како на други места, дојден сум да се одморам, обожавам природата и езерото е убаво. Плажите песочни, природата, воздух и природа и не толку гужви како во Охрид, вели ТУРИСТ ОД ГЕРМАНИЈА.

Саша Вучковиќ кој се врати од Германија, се надева дека со своето искуство ќе им помогне на своите родители кои се сопственици на угостителски и туристички капацитет во Сливница, да понудат нешто повеќе во оваа, но и наредните сезони.

-Уште ја чистиме плажата уште има некои потреби. Спремаме уште лежалки, додаваме, сакаме да ставиме павилјони. Имаме прекрасни места, села, прекрасни плажи, имаме убави плажи, цените се пристапни, не е само Охрид, Преспа е поубава отколку што мислат сите. Но треба повеќе да се промовира, вели Саша Вучковиќ, сопственик на угостителски и туристички објект во Сливница.

Од туристички аспект, Гошаревски потенцира дека Преспа има голем потенцијал и за алтернативен туризам што се покажа и минатата година за време на пандемијата. Ги стимулираат жителите на преспанските села да ги категоризираат куќите и да примаат гости, а засега интересот бил голем, а капацитетите исполнети.