Македонија
8. јуни 2021 - 12:27

Во Битола хоспитализирани само 10 пациенти со Ковид-19

Се намали бројот на хоспитализирани ковид пациенти и во Битола, а со тоа се намали и притисокот врз болницата, со што се врати во редовен режим на функционирање.

-Намален е притисокот и на амбулантите, и во тријажната и во ковид позитивната амбуланта е намален бројот на прегледи. Од друга страна цело време работи болницата постојано, се врати во редовен режим на функционирање, рече Д-р Билјана Гагачовска, директор на Клиничка болница - Битола.

На инфективното одделение се хоспитализирани 10 пациенти кои во моментот се со малку подобра клиничка слика бидејќи се при крај со лекувањето. Инаку рекордната бројка на хоспитализирани во Битола стигна до 170 во последниот ковид бран. 

- Дојде како пресекување со нож, нагло намалување на бројката, но ова не е крај, пандемијата не е завршена. Се надевам дека следниот бран во есенските месеци ќе биде поблаг и нема да ги видиме оние слики, вели д-р Гагачовска.

Но, сега има поголема оптовареност на одделението за интерна медицина.

-Бидејќи многу од пост ковид состојбите прават компликации од интернистичка природа кои бараат подолготрајно лекување. За среќа започна со работа со пост ковид рехабилитација Завводот во Отешево каде се упатуваат дел од пациентите со лесна и средно тешка слика, вели таа.

Исто почна да функционира и Одделението за физикална медицина кое беше ковид одделение во битолската болница.