По подолг период едноцифрен број на заболени и на починати од Ковид-19
По подолго време вчера Министерството за здравство регистрираше едноцифрен број на новозаболени од Ковид-19. Податоците на Институтот за јавно здравје покажаа дека има само три нови случаи со Ковид-19 од направени 1325 тестирања.
Трите нови случаи се во Скопје, позитивно е тоа што во некои градови, како што се Демир Капија и Дојран, нема повеќе активни случаи, а во дел од градовите, бројот на активни случаи е едноцифрен.

Се намалува и бројот на починати лица. Така, за разлика од претходно, во последните 24 часа беа евидентирани само пет починати лица – по едно во Скопје, Радовиш, Тетово, Штип и Пробиштип.
Малиот број на новозаболени го намали и притисокот врз болниците во кои се лекуваат вкупно 194 пациенти и има слободни 530 кревети. Бројот на слободни кревети секојдневно се зголемува и со отписот на оздравените пациенти.

Иако епидемиолошката состојба е поволна и рестриктивните мерки се олабавуваат, сепак министерот за здравство Венко Филипче апелира до граѓаните да останат внимателни.
– Маската е добар механизам, меѓутоа, добро е да се има при рака, ако има групирање макар и надвор, иако е топло, да може да користи. Истото тоа важи и за собирите дома. Сите граѓани треба да се свесни дека сега имаме стабилна ситуација, меѓутоа никој не може да предвиди како понатаму ќе се одвива епидемијата. Ние ги пратиме сите трендови кај нас и во околните земји и согласно тоа ги даваме препораките, изјави вчера Филипче.
Од Министерството за здравство информираа дека непречено се одвива и вакцинацијата на сите пунктови низ државата и оти секојдневно расте интересот за имунизација.

Вчера во земјава пристигнаа 11 700 дози од вакцината на „Фајзер“ од кои 7020 од директните преговори со производителот и 4680 дози од Европската Унија како помош преку трилатералните договори во рамки на програмата „Тим Европа“. Се очекува да пристигнат и околу 70 000 дози од Грција и Бугарија, најверојатно вакцини од „Астра Зенека“.
– Оваа недела треба да дојдат 70 илјади вакцини, 50 илјади од Бугарија и 20 илјади од Грција, најверојатно вакцини на „Астра Зенека“. Се уште немаме потврда за типот на вакцини, рече вчера Филипче.
Од почетокот на пандемијата, земјава се соочи со три појаки бранови. Вкупно заболеа 155 272 лица, а починаа 5413 лица. Бројот на оздравени пациенти е 148 709, а бројот на активни случаи е 1150.
Ново на Сител
-

АХВ го затвори пансионот „Ав Aв Хепи Дог“
-

Изменет режим на јавниот превоз и работното време на ЈСП за новогодишните празници
-

Меѓународната федерација за дијабетес го призна дијабетесот тип 5
-

Засилени инспекциски надзори кај угостителските објекти: Издадени 96 прекршочни платни налози во износ од 2.823.870,00 денари
-

Индустриското производство до ноември поголемо за 1.9 % во однос на минатата година
-

ДКСК следната година ќе ја следи имотната состојба на 60 функционери
-

Потпишан Договорот за заем со ЕБОР вреден 20,9 милиони евра - ќе се набавуваат електрични локомотиви за ЖРСМ Транспорт
-

Новиот закон за јавно обвинителство денеска на владина седница
