Македонија
19. May 2021 - 19:48

Рускиот амбасадор во земјава не сака да го коментира протерувањето на дипломатот

Амбасадорот Сергеј Бездникин не сака да коментира поради кои причини МНР му врачи нота за протерување на рускиот дипломат. За Сител вели дека одговорот лежи на другата страна и вели тие не се повикани да даваат објаснување туку македонското МНР.  По најавата од амбасадата дека Русија ќе возврати со реципрочни мерки не откривајќи какви, амбасадорот Бездникин тврди дека тоа нема да влијае на пратката од 200.000 вакцини Спутник кои треба да пристигнат во земјава. 

Од Москва потврдуваат дека подготвуваат одговор за Македонија и потегот го сметаат за несоодветен во диполоматските односи. Сергеј Цеков член на Комитетот за меѓународни работи на Советот на Руската федерација во интервју за Раша Тудеј истакна дека Скопје не ги цени односите со Русија а протерувањето дипломати од некаков вид солидарност го смета за чуден феномен во дипломатијата.

„Тие заболеа од антируско и антидипломатско заболување. Тие не ги ценат односите со Русија, тие очигледно сакаат да ја задоволат ЕУ.  Искрено кажано, ваквите одлуки не служат на честа на раководството на Македонија. И секако ќе одговориме“, изјави Сергеј Цеков за Раша Тудеј.

Првиот заменик претседател на Комитетот на Советот на Федерацијата Владимир Џабаров најави дека Скопје ќе жали за таквата одлука сметајќи дека тоа дефинитивно нема да ги подобри односите меѓу земјите. Џабаров за Риа Новости оценува дека ваквата солидарност не е добра за Македонија и ваквите потези уште еднаш покажуваат дека овие земји не се независни во политиката. Според него одлуката на МНР била донесена под влијание на САД.

Се уште нема официјална информација од МНР за причините. Претседателот на државата вчера информираше дека постои документиран случај и не се работи за импровизација. Одлуката на МНР е донесена на 14 мај врз основа на член 9 од  виенската конвенција за дипломаткси односи. Согласно рокот кој го предвидуваат рускиот дипломат до петок треба да си замине од државата.