Македонија
29. April 2021 - 19:48

Хипоксија или недостаток на кислород во мозокот е причината за бегството на 75 годишниот пациент од Пробиштип

Хипоксија или недостаток на кислород во мозокот е причината за бегството на 75 годишниот пациент од Пробиштип кој беше хоспитализиран во модуларната болница во штипска клиничка. Пациентот после кратко време од бегството починал на само 50 метри од болницата, а причина за смртта била бронхопневмонија. Ова не е прв пат, а веројатно ќе се повторува и во иднина пациентите со тешка Ковид клиничка слика, пропратена со други болести да се однесуваат дезориентирано и агресивно.

- Сме имале случаеви при кои настрадувал и дел од инвентарот во Клиничката болница. Сме имале и непријатни ситуации помеѓу таков тип на пациенти и нашиот персонал, кои понекогаш завршуваат и со физички контакти, но сето тоа е било во склоп на болеста, што за жал дава и такви симптоми- изјави Ален Георгијев, директор на клиничка болница - Штип.

Заради безбедност на пациентите, инфективно и модуларна се одделенија кои се постојано под клуч, а посетите внатре се забранети. Сепак, пациентот сам ја отклучил вратата и побегнал. Во болницата има обезбедување, но не за секоја зграда.

- Ние имаме двајца обезбедувачи во текот на работно време, кои можат на повик за 2-3 минути да дојдат секаде онаму каде што би имало потреба од нив за да реагираат - додаде Георгијев.

Извештајот од страна на Комисијата за квалитет по однос на инцидентот е подготвен и доставен до институциите, а доколку се утврдат пропусти, ќе следуваат санкции за одговорните лица.