Свет
29. April 2021 - 14:03

Европарламентот ја усвои преговарачката позиција за “Ковид пасошите“

Европскиот Парламент, ко-одлучувачката инситуција на ЕУ, ја усови својата преговарачка позиција за дигиталните зелени сертификати кои треба да овозможат повторно непречено патување во ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

Од сега можат да започнат преговорите со другата одлучувачка институција на ЕУ – Советот.

Европарламентот е на став дека овие зелени сертификати треба да бидат универзално достапни и дека тестирањето за Ковид-19 треба да биде бесплатно за луѓето што сакаат да патуваат, и смета дека земјите членки не треба да воведуваат карантин за лицата што поседуваат ваков сертификат.

Парламентот исто така оцени дека овој документ треба да се нарекува “ЕУ Ковид-19 сертификат“ наместо Дигитален зелен сертификат како што предложи Европската Комисија.

За европратениците кои ја усвоија преговарачката позиција со огромно мнозинство, важно е земјите членки да внимаваат на недискриминација на граѓаните, со тоа што ќе им обезбедат брзо и бесплатно тестирање за Ковид на оние лица кои не се вакцинирани.

Преговорите со земјите членки треба сега да започнат и да завршат пред почетокот на летната сезона за да не се попречи туризмот во ЕУ.