Лекарите од приватните болници од утре на работа во ковид центрите, притисокот врз болниците не попушта
Осум специјалисти од Систина, Ремедика и Жан Митрев од утре по системот на ротација ќе им помагаат на нивните колеги во државните ковид центри. Преоптеретеноста на капацитетите и премореноста на кадарот причина за барање на дополнителни решенија како во човечки ресурси така и за кревет повеќе. Само во главниот град вчера имало 81 прием на болни. Во Институтот за физикална медицина во Козле за неполна недела хоспитализирале 38 пациенти и одделот на приземје е исполнет.
-Имаме уште 100-110 кревети кои може да ги искористиме за прием на ковид пациенти. Поголем број од хоспитализираните се на кислородна поддршка. Тие се со потешка клиничка слика но не најтешки. Имаме доволно кадар за тоа, вели Д-р. Маја Манолева директор на Институт за рехабилитација и физикална медицина.
Ковид болните во институтот ги препраќаат од тријажните центри. Надлежните уверуваат дека тоа засега не предизвикува застој во работењето на амбулантите.
Денешните бројки од Министерството покажуваат дека и понатаму е критична состојбата со наплив на болни и на лекување во државата има 1740 пациенти. Загрижувачки се и податоците за постковид компликациите кога на пациентите по прележување на вирусот се уште им треба кислород.
-Сега немаме голема бројка, обично и по завршување на бранот ќе дојдат и тие пациенти. Најчесто тоа се пациенти кои иако прележале доаѓаат кај нас за одвикнување од кислород. Има и вежби за правилно дишење, вели Манолева.
Инаку меѓу 700-те пациенти кои се на лекување во скопските ковид центри има 9 деца и седум трудници.
-
Сања Димитровскa
Сите содржини од овој новинар