Македонија
28. March 2021 - 16:41

Третиот бран предизвика наплив на хоспитализации во битолско

Поголем дел од хоспитализираните лица во двата ковид дела во битолската болница се во тешка клиничка состојба. Повеќето се со постојана кислородна поддршка, додека другите се со повремена кислородна поддршка. Загрижувачки е што расте бројот на хоспитализирани млади лица.

-Возраста на хоспитализираните се движи од 32 до 80 години, она што е загрижувачки, се помлади со тешки клинички слики доаѓаат, доминира возрасната граница помеѓу 45-65 годишна возраст, вели д-р Билјана Гагачовска, директор на Клиничка болница Битола.

Болницата засега располага со слободни кревети, но ако се исполни постоечкиот капацитет на инфективното и одделението за физикална медицина, ќе се активира и модуларната болница.

-Ако бројката ги надмине постоечките капацитети од 120 кревети, веднаш се вклучува модуларната и затворање на одредени одделенија за да се покрие со кадар, вели Гагачовска.

Последните анализи на професорот Трајковски покажаа дека во Битола растот на дневните бројки е позабрзан отколку на ниво на држава. Во споредба со ноемврискиот бран, сега има ист број хоспитализирани, иако бројот на активни случаи е двојно помал, па се очекува понатамошно зголемување на потребите за хоспитализација. Токму затоа, вели дека клучни се наредните 2-3 недели.

-Експоненцијалниот раст на бројот на новозаболени во Битола продолжува слично како и на републичко ниво, дури и малку позабрзано, ефективниот репродукционен број во Битола е повисоко над државниот, затоа што во Битола бранот започна со доцнење од неколку дена, па најверојатно и пикот во Битола ќе биде неколку дена после државниот, околу 10 април. Тоа ќе биде точка на најголем број новодијагностицирани, најголем пораст на хоспитализирани, после што ќе следува разврска. Најдобро би било во наредните 2-3 недели населението да се воздржи од посета на затворени простории, кафулиња и кафеани, зашто личната удобност не смее да се стави над јавното здравје, тоа не е етички, вели проф. д-р Дејан Трајковски, универзитетски професор на Технички факултет Битола.

Од Центарот за јавно здравје велат дека има широко распространета трансмисија на вирусот во градот. Само оваа недела во Битола има 216 новозаразени и 10 починати лица.