Археолошки истражувања во битолско Градиште
Според археолозите, локалитетот Градиште кај битолското село Црнобуки е интересен локалитет со големо археолошко богатство. Со години наназад жителите на селото Црнобуки пронаоѓале предмети, стари монети и разни темели кои можат да се забележат низ селото.
-Кога орав во нивата ги најдов, вели Драги Белокозовски, жител на село Црнобуки.
Во 2011 и 2012-та година биле направени првите археолошки истражувања од страна на познатиот македонски археолог Виктор Лилчиќ каде биле евидентирани дел од улица, објекти и дел од бедемот. Од битолскиот музеј минатата година продолжија со истражување откако добија средства од Министерството за култура.
-Откривме неколку објекти за живеење, дел од улица и доста обемен движен материјал кој во овој момент се обработува. Претежно материјалот е 3,4 век стара ера, македонски период кој ние го викаме. Исто и поголем број монети, вели Енгин Насух, археолог во Завод и музеј Битола.
Нивната детална анализа треба да ја покаже хронолошката рамка на градот.
-Постојат теории дека тоа е градот Персеида, постои теорија за градот Линк, двете теории држат вода, има доволно исторски докази за тие градови, материјалните докази треба да ни потврдат за кој град се работи. Сето ова и бројните локалитети кои се наоѓаат на овој простор потврдуваат дека околу селото Црнобуки имало доста развиен живот и доста движење на населението, рече Насух.
Се претпоставува дека се работи за градска населба од околу 12 хектари која според археолозите е голема населба, но и се наоѓа на извонредно стратешко место.
Токму овде пронајдени се 1500 монети, познатата надгробна стела која моментално е во Археолошкиот музеј во Скопје, праисториски наоди во самото село, како и монета од Александар 3 Македонски.
-
Маја Богоевска
Сите содржини од овој новинар