Поставките во Битолскиот музеј достапни и за лицата со попреченост
Со читање на кодот преку QR скенер на телефонот, излегува видео на знаковен јазик и на тој начин, лицата со оштетен слух можат да се запознаат со експонатите во битолскиот музеј. Слабовидите луѓе пак можат со лупата да ги видат деталите. Видеата на знаковен јазик се најновиот потег на битолскиот музеј како дел од проектот за подобрување на пристапноста, во кој се вклучени експерти од разни области, со што музејската поставка се прави поблиска за лицата со попреченост. Велат дека ова е само почеток, затоа што целта на секој музеј е да биде достапен за сите посетители.
-Секогаш велиме дека најдобро е да се работат поставки и изложби со универзален дијазн, и однапред да се мисли да се отклонат сите попречености. Ние правиме и отпосле интервенции за пристапност и достапност, но многу добро е кога музеите се прилагодуваат на посетителите, а не да очекуваат дека посетителите ќе се прилагодат на музеите, изјави Д-р Ирена Ружин, раководител на проектите за пристапност во завод и музеј Битола.
Иако голем број музеи користат разни апликации кои се скапи, битолскиот музеј користи едноставна и бесплатна алатка која секој ја има во своите паметни телефони, додека целиот објект има бесплатен интернет.
-Практично за нула трошок, QR кодот е ливче хартија, ние имаме функционалност дури и подобра од апликациите кои чинат илјадници евра. Преку овој пристап се обидуваме да ја направиме музејската поставка достапна 24/7 достапна за цел свет. Постојано има проблеми за луѓето кои физички не можат да ги посетат музеите, особено сега со ковид е пострашно, посетеноста е намалена овој наш пристап е да ги вратиме тие посетители во нашата музејска поставка. Среќни сме што се посетува веб страната, што ја користат во своите истражувања и едукативни проекти, изјави М-р Јове Парговски, координатор.
Ружин, која е обучен преставник од Македонија во Балканската Музејска група за пристапност, вели дека нивниот концепт е препознат не само во државата туку и пошироко.
-Во моментот работиме на музејот на Холокаустотот и за уште еден национален музеј, се надевам дека во иднина ова ќе биде препознатлив битолски концепт за подготовка на проекти за пристапност, вели Ружин.
Исто така се изработени и тактилни изложби наменети за слепите лица, а дел од тие изложби гостувале и во Србија и Хрватска.
-
Маја Богоевска
Сите содржини од овој новинар
