Македонија
2. February 2021 - 18:32

Ангелов и поглаварот на ИВЗ го осудија скандирањето „УЧК“

Во рамки на општествените активности на Центарот за управување со кризи, денеска в.д.директорот на ЦУК Сојанче Ангелов, заедно со заменик директорот Екрем Зендели, остварија средба со претседателот на Исламската верска заедница реисул улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаи, во Скопје.

Искажуваќи големо признание на реисот за неговиот авторитет и позитивно влијание кај сите граѓани, Ангелов, како што стои во соопштението, изрази задоволство од воспоставената директна комуникација и големото заедничко разбирање и настојувања за продуктивна и мирна иднина на државата што е во корелација и со целокупниот државен врв, нагласуваќи неколку важни работи коишто, како и што се согласија тројцата соговорници, се во полза на сите граѓани и како активности не треба да сопрат.

Продолжување на процесот на помирување меѓу дел од Македонците и дел од Албанците во земјава и искоренување на меѓуетничкото насилство кај младите, за во секојдневието на улица, да не наседнуваат на меѓуетничките повици на омраза коишто се зло за сите граѓани во државата се дел од работите што се согласиле денеска тројцата соговорници.

– Заедничкото осудување на радикализмот и национализмот, како на пример, неодамнешното скандирање „УЧК-УЧК“ и „Голема Албанија“ на каков било митинг, протест или настан, бидејќи тоа директно го дефокусира вниманието од целта на настан, протестирање и ја подгрева меѓуетничката нетрпериливост и омраза, а секако и работење постојано на процена на ризиците по безбедноста што се и дел од работата на ЦУК, во соработка со сите релевантни чинители во општеството и во Системот за управување со кризи, информираат од ЦУК.

На средбата, во седиштето на Ријасетот на ИВЗ на РМ, претседателот на ИВЗ, реисул улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаи го изрази своето задоволство од добрата соработка што ја имале со сите официјални претставници на државата, а сега и со Центарот за управување со кризи.

Тој посочи дека секој радикализам е штетен и за верата и за државата и дека треба со зеднички напори да се настојува за мир и соживот, а особено да се реализираат и активности во правец да не се дава легитимитет на радикални групации. Едноставно, тој посочи дека добриот човек е добар човек, без разлика на неговата вера и нација.