Продолжува правната битка за „Копанки“
Членовите на ПСК „Пелистер“ денеска реагираа по последните случувања со Планинарскиот дом „Копанки“. Управниот суд донесе одлука со која нивната тужба кон Министерството за транспорт и врски се смета за неоснована, но велат дека одлуката на судот не е конечна затоа што веднаш поднеле жалба до Вишиот Управен суд. „Копанки“ изгоре во 2013 година. Во 2015 година беше легализиран, а сопственоста беше дадена на ПСК „Пелистер, но во 2019 година Општина Битола ја поништи одлуката за легализација на домот, а од клубот поднесоа тужба до Министерството за транспорт и врски. Велат дека поседуваат комплетна документација.
-Клуб кој постои 85 години непрекинато, и сега се врши насилство да му се одземе имот. Поминаа времињата на конфискации и национализации, сега во 21 век не смее тоа да се прави. Ние не знаеме која е суштината и позадината на сите случувања, рече Диме Попов, претседател на ПСК „Пелистер“.
-Сметаме дека нема кај нас ништо незаконско, во последниот случај, со постапката пред Уставен суд, всушност општината ја повлекува урбанистичката согласност која своевремено истата општина ни ја дала нам. Доколку, хипотетички, таа урбанистичка согласност се поништи, воопшто не се доведува во прашање нашата сопственост, така што не знам врз кои основи, општината ќе го гради „Копанки“, рече Симе Алушевски, член на ПСК „Пелистер“.
Пред три дена, градоначалничката Петровска изјави дека планината е на битолчани и не е во ничија сопственост.
- Сите досега правни разрешници укажуваат дека нашите политики и нашето третирање на тоа дека била и тоа како суштински злоупотребена позицијата на некои за да го узурпираат планинарскиот дом „Копанки“, пред се мислам на самата општинска администрација и челниците кои што го воделе тој процес, е нешто што мора да доживее разрешница. Се надевам дека наскоро тоа ќе заврши“, рече градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.
Пред неколку дена пак ПОДЕМ ја повика Владата по примерот на „Глобал“ да им препорача на државните претпријатија да го помогнат обновувањето на „Копанки“, но Петровска рече дека не им требаат донации, Општина Битола сама ќе го изгради. Според битолските планинари пак како што се наближуваат избори, така се актуелизира и „Копанки“.
-
Маја Богоевска
Сите содржини од овој новинар
