Повторно протести пред резиденцијата на Нетанјаху
Стотици Израелци синоќа повторно протестираа пред резиденцијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху барајќи негова оставка.
Демонстрантите го критикуваат Нетанјаху за лош одговор на пандемијата со Ковид-19 и тврдат дека тој не може да ја води земјата бидејќи против премиерот има покренато обвиненија за проневера, злоупотреба на довербата и примање на мито во три одвоени случаи. Нетанјаху ги негира сите обвинувања.
На протестот беа истакнати транспаренти на кои пишувапе „Оди си“ и „Не сакаме да престанеме да протестираме се додека не заминеш од нашите животи“.
Израел се соочува со четврти парламентарни избори во рок од две години откако претходните денови израелска Влада не го одобри усвојувањето на новиот буџет за 2021 година до истекот на законскиот рок.
Премиерот Нетанјаху и неговиот главен коалициски партнер, Бени Ганц, не успеаја да го решат буџетскиот спор. Израелскиот закон предвидува избори доколку фискалниот пакет не биде усвоен до 22 декември на полноќ, а пратениците гласаа против продолжување на рокот за усвојување на буџетот.
Лидерот на партијата Ликуд ги обвини членовите на коалицискиот партнер од партијата Сино и бело за кризата во коалицијата, предводена од Ганц.
На претходните три избори, Нетанјаху не успеа да формира мнозинска коалиција со неговите традиционални верски и националистички сојузници, но, сепак, контролираше доволно места во Парламентот за да ги спречи неговите противници да формираат коалиција.
Меѓутоа, резултатите од неодамнешните анкети на јавното мислење покажуваат дека ова наскоро може да се промени и дека парламентарното мнозинство може да биде контролирано од неговите ривали.
Нив ги предводи десничарот Гидеон Сар, кој го напушти Ликуд пред неколку недели и најави дека ќе формира нова партија. Поддршката за Сар, според истражувањето, е многу близу до поддршката на долгогодишниот израелски лидер. Сар, кој некогаш беше шеф на кабинет на Нетанјаху, го обвини премиерот дека Ликуд го претворил во „култ на личноста“.
Анкетите за јавното мислење покажуваат дека и партијата Сино и бело на Ганц можеби нема да добие доволно гласови за влезе во Парламентот.
Ново на Сител
-
Скопјанец испразнил туѓа сметка и земал речиси 700 илјади денари
-
Фрлена рачна бомба во двор во Прилеп, оштетени прозорци и два автомобили
-
Уапсен 41 годишен маж - Со воздушна пушка пукал кон куче
-
Измамен скопјанец за сума од над 18 илјади денари
-
Исчезна 13 годишно девојче од Куманово
-
Шекеринска одржа прием и им се заблагодари на сите чинители за поддршката
-
Украина објави дека руската ракета истрелана кон Дњепар развила брзина поголема од 3.773 метри во секунда
-
Протест поради проблемите со автобускиот превоз во Скопје