Ивермектинот влезе во протоколот за ковид пациенти - најавен интервентен увоз
Стариот и евтин Ивермектин нова надеж за македонските пациенти со Ковид 19. Дали по празниците ќе влезе во болниците ќе зависи од постапките за интервентен увоз. Директорот на МАЛМЕД за Сител потврди дека од понеделник ќе ги забрза процедурите и ќе разговара со фармацевтски компании за ивермектин што поскоро биде дел од терапијата. Овој лек доби зелено светло од Комисијата за заразни болести а влезе и во протоколите за лекување на Пулмологија што ќе важат и за ковид центрите во интернистичкиот блок.
-Превентивно, кај пациенти со лесна, средна и тешка клиничка слика, дали е на домашно лекување или пак има потреба од хоспитализација ќе се дава во болнички услови. Неговата примена ќе значи скратување на времетраењето на болеста, намалување на симптомите и спречување на смртноста, вели проф. Др. Дејан Докиќ, директор на Клиника за Пулмологија.
Досегашни студии покажале дека ивермектин за 5000 пати во рок од 24 часа го спречува размножувањето на овој вирус. Но како што предупредува др. Докиќ, колку и да е безбеден не е волшебно стапче и граѓаните да не го пијат на своја рака. И за овој лек ќе треба лекарски рецепт.
-Не смее на своја рака да го пијат колку и да е безбеден. Дали ќе го пропишува матичен или пак некој друг специјалист, но мора да го даде лекар, вели проф. Др. Докиќ.
Додека официјално стигне во земјата, многу граѓани меѓу кои и медицински лица го набавуваат илегално од соседна Грција каде една кутија чини 10 евра. Дел го пијат превентивно бидејќи се во контакт или работат со лица позитивни на вирусот.
Пред Комисијата да даде зелено светло, и епидемиолози и микробиолози кажаа дека овој лек може да направи пресврт во пандемијата со Kовид 19.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар