Што ќе преземе Бајден за справување со ковид пандемијата?
Тим од 12 експерти ќе го има последниот збор за мерките за борба со корона вирусот кои ќе ги носи новата администрација на се уште неофицијалниот нов американски претседател Џо Бајден. Додека Трамп се уште ги негира изборните резултати и најавува правна борба за секој глас, тимот на Бајден веќе крои планови како ќе се бори против пандемијата.
Демократскиот кандидат веќе го составил тимот од 12 советници во кој како што јавуваат медиумите во САД членуваат доктори и професори од најпрестижните американски унверзитети кои се јавуваат како советници за здравствени прашања во кабинетите на неколку поранешни претседатели. Целта на овој тим ќе биде да ја зголеми претпазливоста меѓу граѓаните на кои тимот на Бајден сака да им порача дека корона вирусот е многу опасен и целосно да го смени релаксираниот пристап кој го форсираше Трамп. Тимот на Бајден најавува дека по 20-ти јануари повторно ќе ги врати соединетите американски држави во Светската здравствена организација од каде ги извади Трамп кој се соменваше дека оваа организација работи во корист на Кина.
Бајден најавува дополнителни пакети на средства за заштита на медицинскиот персонал и кадарот кој е во првите линии на ударот на вирусот. Американските медиуми најавуваат дека Бајден битката со вирусот да ќе ја води многу поагресивно низ порестриктивни мерки, а се очекува да го задржи планот секој Американец да носи маска на отворено.
Демократите најавуваат и масовно тестирање на граѓаните и детална проверка на безбедноста на секоја понудена вакцина пред таа да биде пуштена во употреба.
Сепак, до 20-ти јануари кога треба да биде инаугуриан новиот претседател има уште два ипол месеци во кои се очекува корона виирусот дополнително да добие залет, па американската јавност е загрижена како најавениот трансфер на власта ќе се одрази врз јавното здравје.
Но и да ја добие правната битка со Трамп, Бајден нема да има лесна задача да ги имплементира планираните мерки особено ако мнозинството во Сенатот го задржат републиканците кои пак се на добар пат да го сторат тоа иако веќе загубија едно сенаторско место.
Соединетите американски држави со 330 милиони жители го држат светскиот врв во бројот инфицирани и починати како последица од корона вирусот. Само вчера во САД над 102.000 луѓе се дијагонстицирани како позитивни а 512 починале. Од почетокот на кризата, бројот на случаи во САД надмина 10 милиони а починаа вкупно 243.768 лица.
-

Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар
