Македонија
8. September 2020 - 16:44

Заев тврди дека има поддршка од 65 пратеници

Премиерот Зоран Заев тврди дека во парламентот во моментов за носење на одредени одлуки има дури 65 народни избраника, што е за тројца пратеници повеќе од оние првични 62 од колицијата СДСМ – ДУИ. Сепак, Заев не открива за кои тројца дополнителни пратеници станува збор.

„Со ДУИ заедно верувам дека имаме поддршка за потребни работи, најмалку 65 пратеници. За владата гласаа 62 пратеници каде што Шахпаска после гласањето за владата и престанува функцијата. Верувам во следните неколку дена парламентот ќе направи верификација на мандатот на следниот пратеник од листата за да вака оформената коалиција од 62 ја потврдиме комплетно. Имам намера на дел од пратеници да им понудам одредени раководни места во државата, од моја и од страна на Владата и министерствата коишто ги именуваат“.

Прашањето за парламентарното мнозинство се отвори откако од 62 народни избраници со кои располагаше власта двајца веќе се спорни, а 60 пратеници се недволни за функцинална власт во Собранието. Имено, Шахпаска стана министер за труд и социјална политика, но нејзин наследник нема бидејки таа беше претседателка на верификационата комисија, а со нејзиното заминување од Собранието таквата комисија престана да постои. Мандатно-имунитетната комисија која во парламентот ја има надлежноста за нови мандати не е формирана.

Арбен Зибери од ДУИ пак, гласаше за избор на влада под посебни услови во парламентот со симтоми на КОВИД-19 додека чекаше резултати од корона тест. Резултатите од тестот не беа објавени. Информациите одат од тоа дека тој е хоспитализиран на Инфективната клиника, дека е во домашна изолација, но дури и дека е со негативен тест.

Според неговиот координатор тој е во изолација, но парламентарното мнозинство било стабилно и доволно бројно.

Меџити вели дека наскоро ќе бидат формирани и собраниските тела со кои парламентот ќе стане функционален. Првичната распределба на комисиите е направенa: СДСМ ќе добие 8 комисии, ДУИ – три, ВМРО-ДПМНE – осум и Коалицијата Алијанса – Алтернатива  - две. Проблем единствено има околу Комисијата за европски прашања со која сака да раководи БЕСА, која пак е во коалиција со СДСМ. Меџити очекува седница за телата до крајот на неделата.

Парламентот пак, до крајот на неделата ќе ги добие и предлозите од Заев за заменик-министерски места и за раководни позиции што ги избира Собранието, а за до крајот на месецот премиерот најавува дека сите институции и јавни претпријатија кои се под Владата ќе добијат директори.