Бизнис
3. September 2020 - 21:18

Кои административци сакаат да работат и по 64-годишна возраст?

Вечни директори, шефови, раководители на сектори, наставници во основно и средно, сите со навршени 64 години од Нова Година ќе мора да се пензионираат. Според податоците на Фондот за Пензиско и инвалидско осигурување во текот на минатата и оваа година вкупно близу 19.000 возрасни побарале продолжување на работниот век иако можеле да си одат во пензија.

Владата најавува дека една од првите задачи во новиот мандат ќе и биде да се стави крај на оваа пракса и сите кои ги исполнуваат годините за одење во пензија, да си одат. Со законот нема да бидат опфатени медицинскиот кадар и универзитетските професори кои се дефицитарни. За приватниот сектор, соглансно законите, искусните лица ќе можат да бидат ангажирани со договори и да имаат дополнителен приход покрај пензијата. Законот ќе важи од 1-ви јануари догодина и со него ќе се пензионираат над 10.000 возрасни лица.

И додека работниците одвај чекаат да се пензионираат, продолжување најчесто бараат лица кои работат канцелариска работа. Причините се различни, но главно е дека имаат привилегии, високи државни плати, но и работејќи си ја зголемуваат основицата за да имаат поголеми пензии.

За експертите предлогот е добар затоа што ќе ослободи место за вработување млади лица, но препорачуваат Владата прецизно да ги пресмета ефектите, посебно трошоците за  ПИОМ. Со рефомрите од минатите години кај Фондот има извесна стабилизација и многу е важно таа да не се наруши.

Според последните податоци кои министерството за информатичко општество ги објави крајот на март, а истите се однесуваат на речиси 130 илјади административци од 2017 та година, 22% се на возраст од 56 до 64 години. Просечната возраст на вработените во јавниот сектор изнесува 46 години, а најзастапени се од 46 до 55 години.

Во моментов вкупно 325 илјади лица се евидентирани како  пензионери. За нив минатата годиан се исплатени скоро милијарда евра, односно 915 милиони евра.