Што велат роковите за изборот на нова Влада?
Крајот на август или почетокот на септември е оптимистичкото сценарио за формирање на новата Влада доколку во процесот се тече како подмачкано. Согласно Уставот, Собранието треба да се конституира на 20 дена по одржувањето на изборите или на 4 август. По ова, почнува да тече рокот од 10 дена во кој Претседателот Пендаровски е должен да му го довери мандатот на кандидатот на коалицијата која ќе обезбеди мнозинство во Собранието. Штом го добие мандатот, согласно Уставот новиот мандатар има рок од 20 дена да му го достави предлогот за составот на новата Влада на Собранието. Кога неговиот предлог ќе стигне во Собранието, почнува да тече рокот од 15 дена во кој треба да се закаже собраниската седница за избор на нова Влада која пак не може да трае повеќе од два дена.
Доколку било која од партиите успее да формира мнозинство и се реши до крај да ги потроши сите рокови, тогаш новата Влада би била избрана некаде на 20 септември. Сепак, Уставот и собранискиот деловник ги предвидуваат само крајните рокови, па оттука, никој не може да ги спречи новите коалициони партнери, особено во време на корона криза кога брзо се бара функционална влада да извршат значително кратење. Оттука, теоретски, новата Влада би можела да се формира уште не средината на август, но искуството од претходните собраниски постапки за избор на новиот кабинет покажуваат дека во постизборниот процес за избор на нова Влада од 94та до 2016 во просек од изборите до гласањето за новиот кабинет поминувале по 64 дена.
Просекот значително го качуваат изборите во 2016 кога од изборите на 11 декември до изборот на нова Влада поминаа 171 ден.
За најкраток период по изборите, само 29 дена била избрана Владата во 98. Останатите 6 постизборни влади станувале функционални во период меѓу 47 и 53 дена по одржувањето на изборите.
Оттука, теоретски постои можноста поради недостаток на коалициски капацитет на партиите, процесот да се одложува неограничено, бидејќи Уставот не предвидува што да се прави во случај мандатарот да не успее да обезбеди мнозинство.
Оние кои се упатени во политиката велат дека во актуелната ситуација краен рок се локалните избори кои треба да се одржат на средината на октомври идната година, бидејќи ако до тогаш не се формира Влада извесно е дека заедно со нив ќе се одржат и нови предвремени парламентарни извори.
-

Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар
