Македонија европски лидер по смртност од корона вирусот
Македонија останува на врвот во Европа според бројот на жртви од компликации предизвикани од корона вирусот. Според вчерашниот биланс, земјава има далеку најмногу починати на еден милион жители во споредба со сите земји на стариот континент.
8-те нови жртви покажуваат дека вчера смртноста изнесувала 3,8 починати на милион жители. Најблиску до нас е Црна Гора каде вчера на милион жители починале 3,17 лица. На третото место е Србија со стапка на смртност од 1,26 на милион жители, а следат Молдавија и Босна и Херцеговина со еден починат на милион жители.
Македонија е во топ 10 во Европа и убедливо прва во регионот и според бројот на починати од почетокот на пандемијата со регистрирани 203 жртви на милион жители. На врвот во Европа е Беглија со 845 починати ма еден милион жители. Следат Британија, Шпанија, Италија и Шведска со стапка на смртност меѓу 500 и 600 на секој милион жители.
Во регионот најблиску до нас е Босна и Херцеговина каде на милион жители се регистрирани 76 починати што е три пати помалку од земјава. Следат Србија и Словенија со по 54 жртви, Бугарија со 43 и Албанија со 39. На дното се Хрватска и Грција кои имаат 29 односно 19 жртви на милион жители. Вчера во Македонија беа регистрирани 127 нови случаи и 8 починати од кои повторно најголемиот дел се во Скопје.
И покрај црните статистики и секојдневната трицифрена бројка на новозаразени во Македонија, засега здравствените власти не планираат да предложат враќање на рестриктивните мерки. Како што изјави во саботата министерот Филипче активирање на мерката за ограничување на движењето зависи од пополнетоста на капацитетите, но засега според него во болниците и Ковид Центрите имало доволно место.
Во моментот со коронавирус хоспитализирани се 420 пациенти во здравствени установи во Скопје и низ државата.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар