Бизнис
3. April 2020 - 16:42

Малите трговци од Струмица бараат мерки кои вистински ќе им помогнат

Малите трговци, самостојни претприемачи и дуќанџии од Струмица од кои најголемиот дел од  ТЦ „Глобал“ бараат мерки од Владата кои според нив,  реално ќе им помогнат во надминувањето на проблемите предизвикани од пандемијата со корона вирусот. Велат,  досега предложените мерки се неприфатливи.

Наведуваат дека такви како што се предложени мерките ги ставаат во крајно тешка економска ситуација, а во себе содржеле и елементи на принуда и  условување. Во суштина тие не претставувале никаква помош туку само пролонгирање на нивното пропаѓање. Бараат сите поволности по различни основи да се сметаат  од 15 март ,а не само за месеците април и мај.

Да се издејствува замрзнување, односно  мораториум  на кредитите кои ги имаат  без да биде пресметувана каматата  во период кога нема да се плаќаат ратите, покривање на бруто платите  за месеците  март,април и мај ,односно се додека трае вонредната состојба.

„Бараме одложување на плаќање на сите тековни трошоци,како закупнини,струја ,вода, и слично ,за кои сметаме дека не се доволни само препораките на Владата,туку поголем степен на  сигурност дека препораките ќе бидат испочитувани.

Бараме државна помош во вид на неповратни средства  и се откажуваме од било какви кредити па макар биле и без камата,затоа што  ново задолжување  за покривање  на овие трошоци,значи наше пропаѓање и ставање клуч на врата, вели Аница Јовеска - од неформалното здружение на трговци од ТЦ „Глобал“.

Од неформалното здружение велат дека се свесни за состојбата, но бараат разбирање и за нив исто како што се бара и наложува да нема отпуштање на работници.

„Тоа што го нудите со мерките  е  фингирана помош,која подоцна треба да ви ја вратиме преку наше задолжување со кредити“,вели Аница Јовеска - од неформалното здружение на трговци од ТЦ „Глобал“.

Според дуќанџиите треба да се предложат мерки кои нема да бидат дискриминирачки ,за некој повеќе ,за некој помалку. На Владата и предлагаат за сите нивни потреби во иднина да обезбеди грантови после завршувањето на вонредната состоја заради целосен надомест  на загубите  и остварување на инвестиции за брз  раст и излез од криза.