Изгоре телевизија „ВИС“ во Струмица
Изгоре регионалната телевизија Вис од Струмица. Во пожарот целосно се изгорени просториите на телевизијата со комплетната опрема, а зафатени се и простории на неколку други компании кои се сместени во истата зграда како што е еден текстилен погон, но и дел од повеќенаменскиот социјален центар на општина Струмица. Пожарот бил пријавен синоќа околу 2 часот по полноќ.
Веднаш по пријавата, противпожарната единица излегла на терен со едно возило и петмина пожарникари. Но, откако установиле дека се работи за сериозен пожар ги активирале сите расположливи капацитети. Повеќе од пет часа им биле потребни на пожарникарите за да го стават огнот под контрола.
За време на интервенцијата тројца од пожарникарите се здобиле со повреди. По укажаната медицинска помош двајца се пуштени дома, додека третиот е задржан во струмичката болница. За сега причините поради кои настанал пожарот не се познати. Дополнително ќе се утврдува и материјалната штета. Од менаџментот на телевизијата информираа дека и покрај ваквата состојба нивните новинарски екипи ќе продолжат со работа. Додека да се обезбедат неопходните услови нивните гледачи тие ќе ги информираат преку официјалната веб страница, социјалните мрежи и јутјуб каналот.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар