Македонија
11. March 2020 - 15:15

Со потврда од лекар специјалист хронично болните треба да бидат ослободени од работа

Со приложена потврда од лекар специјалист граѓаните со хронични респираторни заболувања, тешки кардиоваскуларни заболувања, дијабетес тип 1, малигни заболувања и имуно-компромитирачки состојби треба да бидат ослободени од работа, согласно препораките од Владата за спречување на ширеењето на коронавирусот. Ова денеска на состанок го утврди Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, а донесените заклучоци ги достави до Владата.

Ова задолжение ќе биде дистрибуирано до сите органи на државната управа, јавни претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост, агенции, фондови, бироа, заводи, управи и сите останати државни институции, единици на локална самоуправа, јавни претпријатија и други правни лица основани од единиците на локалната самоуправа, како и стопанските комори, се наведува во заклучоците.

Комисијата препорачува: да се смета за оправдано патување во странство само патувањето од здравствени причини (во високо или средно ризична земја), што би го оправдало отсуството од 14 дена заради самоизолација, на сите вработени во здравствениот сектор да им се забрани патување во земјите од висок и среден ризик од приватни причини, Институтот за јавно здравје да изготви текст – порака за медиуми во однос на почитување на препораките против коронавирус, што ќе биде доставена до Министерството за здравство за натамошно процесуирање, телефонскиот број на „Ало докторе“ од флаерот да се пренамени во call – центар што ќе дава информации во врска со заразната болест и алгоритмот за постапување на пациенти сомнителни на вирусот да важи и за педијатриските пациенти, стои во заклучоците.