Македонија
6. March 2020 - 20:49

Два нови случаи на коронавирус во Македонија

Два нови случаи на заразени со корона вирус. Станува збор за брачен пар од Дебар  на возраст од 62 и 68 кој пред 10 дена со автобус од Бреша, Италија влегол во Македонија. Како што информираше Министерот за здравство, попатно автобусот оставал патници и во Скопје и Куманово.

Филипче вели дека брачниот пар е во добра општа состојба со симптоми на грип.
Во моментов Министерството за здравство во соработка со полицијата ги бара сите лица кои што се превезувале со автобусот за да бидат повикани на проверки за да се утврди дали можеби и некој од нив бил заразен. Филипче вели дека во соработка со МВР обезбедени се податоците за сите патници и епидемиолозите веќе ја почнале процедурата. Министерот вели дека нема простор за паника.

Во текот на утрешниот ден се очекува надлежните да се координираат и да направат проценка дали веќе донесените препораки и мерки за спречување на ширењето на вирусот ќе треба дополнително да се ревидираат.
Минатата недела пациентка која патувала исто така од Италија се запиша како првиот случај на заразен со корона вирус во Македонија. Како што информираат од Министерството за здравство таа е излечена и веќе е не преносител на вирусот.
Во светски рамки, бројот на инфицирани со корона вирус денеска надмина 100.000 лица, а забележани се над 3.400 смртни случаи.