Магијата на гроздовите по таваните во зима
Вистинска магија се шири од тавани и подруми од домаќинства во Тиквешко и оваа зима. На греди висат прекрасни гроздови кои ги мамат сетилата. Гроздовите зрна, како да се натпреваруваат кое од нив прво ќе биде изедено, затоа што знаат дека ќе предизвикаат радост и среќа со експлозијата од задоволства што ја предизвикуваат.
Најубав е Божиќниот пост со грозд изваден од шајка
Марјан Нојков е млад човек од Неготинско Долни Дисан кој живее и работи во Скопје, а за МИА потврди дека во неговото семејство се негува оваа убава традиција и се пренесува од дедо на внук.
-Се работи за многу доцни сорти грозје што се берат некаде од 5 до 25 ноември, во зависност од временските услови, а се чуваат на темно и ладно место до март, април месец следната година. Интересно е, исто така, дека отсекогаш на овој простор за време на божиќните пости, се јадело од ова грозје, нагласи Нојков.
Средовечниот Љупчо Милачов од кавадаречкото Ресава, исто така, раскажа дека грозјето од сортите ,,белозимско” и ,,валандовски дренак” ги берат многу покасно од винските сорти грозје. Се зависи од временските услови и прилики, но главно пред да падне слана. Со грозјето се берел и дел од ластарот, за да може да се закачи на шајка. Така, траело некаде до почетокот на пролетта.
-Многу е вкусно. Оваа традиција во нашата фамилија Милачови се практикува повеќе од еден век, според раскажувањата на моите дедо и татко, но можеби и повеќе. Се надевам дека и моите деца и внуци ќе ја продолжат оваа стара традиција, да се има вкусно зимско грозје во студените зимски денови, како десерт на нашите трпези. А да не е од фрижидер, туку онака, природно, како сега да е скинато, додаде Милачов.
Мора са се нагласи дека и двајцата потекнуваат од микро локации што важат за едни од најдобрите, кога е во прашање лозаровинарството. Се работи за региони познати по квалитетно грозје, вина и ракии.
Туристите во Тиквеш може да берат грозје и од таван
Гроздови што висат обесени на греди на таван или во подрум, од кои можеш да скинеш и да каснеш грозје среде зима, кога надвор дува северец или паѓа снег, ете тоа е она што се повеќе, меѓу другото, ги привлекува туристите во Тиквешијата. Во најлозарскиот дел на државата, посетителите, освен вкусни тиквешки вина и ж`та, можат да пробаат и грозје што од гроздоберот до свети Трифун, кога почнува новата гроздоберска сезона, се чува на традиционален начин, кој се пренесува од колено на колено. Главно се работи за сорта грозје што овде е позната како бело зимско.
-Замислете кое е задоволството да се симнете во подрум и да си скинете макар едно златно зрно од гроздот што му пркоси на времето и е свеж како сега да сте го брале, иако не стои во ладилник. Благодарение на провевот, исто како сега да сте го скинале од лозата. Ете тоа е едно од малите нешта што го прават човек среќен. На многумина од нас Тиквешаните длабоко им се има врежано во свеста сликата кога како мали деца ги имаат скинато првите зрна грозје во зима, од таваните и подрумите, кои кријат безброј лозаровински приказни. Ете тие вистински приказни треба да ги чујат туристите. А има и што да се чуе, повторија дел од моите соговорници на оваа тема, додека дегустиравме од гроздаците обесени на гредите од таванот, баш како новогодишни лампиони. Со боја која прелева, со мирис и вкус кој опива.
Светлана Дарудова/МИА
Ново на Сител
-
Обвинителството бара максимални затворски казни за Урош Блажиќ за масакрот во Мало Орашје и Дубона
-
Кешишев за сменетата изјава: Палчо ми кажуваше што да напишам, ја напишав бидејќи се плашев
-
Каранфилова-Пановска: СДСМ мора да ја врати довербата кај граѓаните
-
Мицкоски не е импресиониран од кадровскиот избор на опозицијата
-
ОН: Секојдневно умираат 140 жени како последица на насилство од интимни партнери и членови на семејствата
-
Таравари: Функционери на ДУИ се повикуваат во обвинителствата, наскоро ќе се види кои се тие
-
Тешко повреден млад скопјанец кој излетал надвор од патот за Средно Водно
-
Брод со туристи кој тргнал на нуркање потонал во Египет