Македонија
28. November 2019 - 11:29

Во Делчево втор пат ќе се реализира кампања „Денови на хуманост –дарувај со љубов“

По повод Светскиот ден посветен на лицата со попреченост, 3 – ти Декември, Општина Делчево во партнерство со Здружението „Бравура кооператива“ и Дневниот центар за лица со посебни потреби втор пат ја организират кампањата „Денови на хуманост-дарувај со љубов“.

Како што информираше на денешната прес-конеференција, Даниела Такева од Општина Делчево, кампањата се реализира со поддршка на Јавната локална библиотека „Илинден“, Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров“, Комисијата за еднакви можности и образовните институции.

– Неделата на хуманоста во Делчево обединува неколку активности. Со настаните започнуваме на 2. декември со хуманитарниот концерт на Дејан-Ѕене и Елена кој ќе се одржи во киносалата со почеток во 19 ч. Традиционално на 3 декември организираме посета на Дневниот центар, каде што ќе има и промоција на проектот со кој Дневниот центар доби сензорна соба, а попладнето ќе има промоција на филмот „Врба “ на Милчо Манчевски“. На 5 декември гостинка во Делчево ќе биде поетесата Ана Дедова од Кочани, при што, со почеток во 13 часот ќе биде промовирана нејзината книга „Везот на животот“. Настаните ќе се заокружат со спортските игри Бочија, информира Такева.

Сите овие активности како што додава, ќе имаат хуманитарен предзнак, со тоа што средствата ќе бидат подарени на Дневниот центар за нивни потреби.

– Целта на оваа хуманитарна кампања има два аспекти. Првиот е да се подигне свеста на граѓаните за хендикепот, да се промовира подобро разбирање на полето на хендикеп, со фокус на правата на лицата со посебни потреби. Вториот аспект задира во полето на филантропијата и општествената одговорност на фирмите. Овде би се потенцирало дека филантропските активности на едно претпријатие се, всушност, највидливиот дел од општествено одговорните практики, додава Такева.

Во Делчево не е непозната формата на донирање. Дел од општествено одговорните фирми минатата година донираа превозни средства за Дневниот центар во Делчево, а исто така за прв пат како дел од оваа кампања беше организирана аукција на делата од Ликовната колонија организирана на тема „Свет без различности“ при што средствата исто така беа наменети за потребите на децата од Дневниот центар во Делчево.