Бузаку поднесе кривични за поглаварот на ИВЗ- тврди дека злоупотребил 700.000 евра, ИВЗ демантира
Скендер Бузаку поднесе 2 кривични пријави во ОЈО против реисот Сулјеман Реџепи. По дадениот ултиматум реисот да ја напушти ИВЗ, Бузаку пријави и ги обелодени документите кои тврди дека докажуваат криминал тежок 700 000 евра. Доказите за перење пари и злоупотреба на службената положба укажувале дека Сулејман Реџепи ги оштетил верниците кои годинава биле на аџилак во Саудиска Арабија. Тој според доказите на Бузаку, им ја наплаќал поскапо таксата за престој а парите ги уплаќал преку странска агенција.
„ За 840 аџии ИВЗ платил такса по 800 евра за едно лице, преку посредник приватна компанија Амџат Алсалам фор хотелс. Согласно правилата и утврдената такса за престој од страна на министерството за аџилак на Саудиска Арабија, таксата за престој на едно лице е утврдена на 510 евра која ИВЗ била должна да ги уплати директно во министерството за аџилак. Очекувам ОЈО да ги преземе сите дејства. “
Бузаку се сомнева дека реисот Реџепи ги наплаќал и бесплатните визи за во Саудиска Арабија. На ист став за визите е и пратеникот Мухамед Зекири кој за случувањата во ИВЗ ги повика верниците и имамите да направат промени.
Од ИВЗ соопштија дека ќе го тужат за клевета Скендер Бузаку бидејќи според нив тој повторно ширел лаги и измислици за некакви финансиски злоупотреби.
Инаку Апелација веќе го поништи решението со кое Сулејман Реџепи е разрешен и на негово место е поставен за поглавар Скендер Бузаку. Повисокиот суд ја уважил жалбата на Сулејман Реџепи бидејќи биле направени неколку пропусти при носењето на првостепената одлука. Меѓу другото Бузаку не го исполнувал критериумот за наполнети 40 години.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар