Свет
7. September 2019 - 10:18

Во Франција продолжуваат протестите на „жолтите елеци“

Француското граѓанско движење „Жолти елеци“ денеска продолжува со протестите против државната политика по летната пауза, пренесуваат тамошните медиуми.

Весникот „Фигаро“ оцени дека денешниот митинг ќе биде тест за аполитичното движење кое започна со протести минатиот ноември. Митинзите се најавени во Париз, Бордо и Монпелје.

Како и со претходните протести, градските власти во Париз забранија собири на авенијата „Шанзелизе“, околу владините институции и во близина на катедралата Нотр Дам.

Властите во француската престолнина, исто така, најавија распоредување на дополнителни безбедносни сили. Движењето „Жолти елеци“, кое спонтано се роди на социјалните медиуми, започна да организира демонстрации низ Франција поради најавеното зголемување на даноците на горивото.

Протестот подоцна се претвори во генерален израз на незадоволство на граѓаните поради политиката на претседателот Емануел Макрон, за која тврдат дека ги фаворизира богатите и големите компании.

Макрон, од своја страна, одржа голема дебата со локалните власти и граѓаните низ целата земја, а кон крајот на април предложи неколку мерки, вклучително и намалување на даноците. Жолтите елеци не беа задоволни од овие мерки и подоцна продолжија со протестите, за време на кои се собраа се помал број луѓе. Многу од протестите, што обично се одржуваа во сабота, завршија во насилство и конфронтација со полицијата.