Бизнис
7. August 2019 - 17:19

Ветеринарите предупредуваат: Големи се шансите африканската свинска чума да се појави и во Македонија

Појава на африканска чума кај македонските свињи е реалност, сметаат ветеринарите. Велат дека во моментот се преземаат сите неопходни мерки кои можат да се преземат. Во следниот период ветеринарите ќе ги посетуваат фарми за да ги  едуцираат сточарите, но и тие ќе треба да бидат ажурни доколку се сомневаат оти нивните свињи се заболени.

- При секоја промена на здравствената состојба да реагираат веднаш бидејќи е многу значајно кај ваквите болести, каде што нема терапија, е токму тоа, брза дијагностика и брзо преземање мерки за елиминација на изворот на инфекција, вели претседателот на Ветеринарската комора, Томислав Николовски

Факултетот за ветеринарна медицина има  капацитети за да ги врши сите испитувања кај потенцијални заболени свињи. Деканот Пендовски вели дека резулатите од овие испитувања се добиваат за максимум еден ден.

- Станува збор за екипа од некаде меѓу 25 и 30 луѓе. Тука станува збор за екипа од професори, научни соработници, асистенти и технички лаборанти кои се обучени за оваа работа. Не се обучени специфично за оваа булест, туку се обучени за перманентна работа во самата лабораторија, уверува деканот на Факултетот за ветеринарна медицина, Лазо Пендовски.

Државата е подготвена и има изработено план доколку африканската чума се појави во Македонија. Но, засега нема направено проценка на штети.

- Ние имаме фонд од некаде околу 160.000 – 200.000 свињи. Ако одите дека една свиња вреди околу 6.000 денари тогаш ќе добиете бројка. Меѓутоа, не значи дека сите ќе заболат и дека сите ќе бидат уништени. Си има точни прописи, на три километри каде што се има појавено се уништуваат. Штетите, ако се појави болеста можат да бидат многу големи, но ние правиме се за да не се појави, рече директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов.

Африканската чума коси во соседството. Во Бугарија убиени се повеќе од 120.000 свињи, а според тамошните медиуми штетите се околу 300 милиони евра.