Манфред Вебер ќе се сретне со Виктор Орбан во Будимпешта

Шефот на парламентарната група на Европската Народна Партија, Манфред Вебер, кој е на предизборна турнеја ширум Европа, денеска треба да се сретне со унгарскиот премиер, Виктор Орбан во Будимпешта, за да разговараат за членство на унгарската Фидес во ЕПП, јави дописничката на МИА од Брисел.
Дванаесет партии членки на ЕПП од девет земји до сега побараа исклучување или суспензија на партијата на Орбан од редовите на европските демохристијани, од Белгија, Грција, Финска, Литванија, Луксембург, Холандија, Португалија, Шведска и Норвешка. Последната анти-ЕУ кампања на Орбан ја прелеа чашата за многумина во Европа. Кампањата беше јавно критикувана и од самата Европска Комисија, поради плакати на кои се појавува претседателот Жан Клод Јункер со милијардерот Џорџ Сорос, и во која се изнесуваат невистини за миграциските политики на Европската Комисија.
Унгарија е и предмет на повеќе прекршочни процедури пред Европскиот Суд за Правда поради прекршување на правото на Европската Унија.
Самиот Јункер, кој е исто така член на ЕПП, повеќе пати се изјасни за исклучувањето на унгарската партија членка и оцени дека таа не ги дели демохристијанските и европските вредности на своите сестрински партии.
Манфред Вебер на денешната средба со Орбан ќе му стави на знаење дека ЕПП ќе мора да ја исклучи неговата партија доколку партијата не воведе промени во своето однесување и реторика, најавија од партијата.
Орбан и Фидес ја прекинаа кампањата против Јункер, а унгарскиот премиер порача дека исклучувањето на неговата партија не е “рационална опција“.
ЕПП е најголемата и највлијателната политичка група во Европската Унија, со мнозинство во сите клучни институции и над седумдесет партии членки на целиот континент. Во пресрет на изборите за Европскиот Парламент во мај, партијата стравува дека ќе го изгуби мнозинството во полза на радикалната десница, на која најверојатно Фидес би се приклучила доколку биде исклучена од редовите на центар-десната опција.
Ново на Сител
-

За смртта на грчкиот пејач Мазонакис двајца лекари се товарат за убиство со евентуална умисла
-

Активен пожарот кај крушевско Борино, под контрола е на Јаесен и кај село Белица
-

Трамп: Украина и Русија се согласија да не напаѓаат енергетски објекти
-

Павловска-Данева: Интерпретативните одлуки се важен чекор кон развојот на современата уставно-судска практика
-

Голем успех за Филип Шулевски – ново најдобро македонско време на Ironman
-

Мицкоски: Без намалувањето на акцизата дизелот ќе беше поскап за 11 до 11,5 денари, го штитиме стандардот на граѓаните
-

Гаши: Убеден сум дека нема да има предвремени избори
-

Мицкоски: Се надевам дека случајот со заканите кон мене упатени на социјалните мрежи ќе биде решен во рамките на системот
