Македонија
3. January 2019 - 17:35

Снегот донесе радост за децата во Битола

Од синоќа снегот непрекинато паѓа во Битола, а досенеска снежната покривка достигна 15-тина сантимери. Доволно за да се извадат санките како превозно средство за децата. А токму децата се најрадосни кога се наоколу ќе обели. Си играат со снегот, ќе летне по некоја снежна топка, се чека доволно снег за да се прави снешко. Иако врнеше снег, денеска околу пладне на минус еден степен Широк Сокак вриеше како во кошница. Наидовме на фоторепортерот Петар Ставрев, кој не ја испушти приликата за да направи уште една фотографија од снежна Битола.

-Секој снег ја користам приликата да го снимам. Битола има интересни места за снимање, посебно кога времето е врнежливо се создаваат интересни орнаменти, посебно што не е толку студено како вчера.

Ставрев, кој е и голем вљубеник во планината, ни раскажа и за вчерашното новогодишно искачување на врвот Пелистер, кое го прави традиционално на 2 јануари веќе по 25-ти пат. Претходно, на првиот ден од новата година на врвот се искачија и планинари од планинарско-спортскиот клуб Пелистер кои таму го испија првиот чај и кафе во новата година.

-На вработените на пунктот им носам шампањско за прослава на новата година, заедно со другари, тие се менуваат, но јас непрекинато одам. Можам да кажам дека на Антена се искачија на првиот ден, температурата беше минус 30 степени. Вчера патувавме доста тешко, 12 часа. Од највисоката точка каде што има вработени во нашата земја, 2601 метар им посакавме успех и здравје на сите, особено на наса снимателите, камерманите и новинарите, вели Ставрев.

Според прогнозите, снежните врнежи ќе намалат попладне. Од ЈП Нискоградба велат дека досега се фрлени 50 тони сол и 50 метри кубни ризла низ улиците во Битола. Од рано утрово се чистат улиците од прв и втор приоритет, а во зависност од временските услови и кога ќе престанат врнежите ќе се исчистат и останатите споредни улици.