Македонија
22. December 2018 - 16:55

Рекордно ниво на загадениот воздух во Битола

Битола синоќа се гушеше во загаден воздух. Битолчани на социјалните мрежи споделуваа дека мерната станица Битола 1 во 20 часот измерила 600 микрограми на метар кубен, највисока измерена вредност на ПМ честички сезонава. Државата треба да има волја да го реши овој проблем, велат од Центарот за енергетска ефикасност на Македонија.

- Граѓаните на Битола издвојуваат средства во буџетот на државата и заслужуваат државата да им посвети внимание да обезбеди нормални, поприфатливи човечки услови за живот, а не да препушти на стихија, да молиме да дувне ветерче да се одвејат штетните материи, истакна проф.д-р Константин Димитров, Центар за енергетска ефикасност на Македонија.

Иако не може да сезанемари фактот дека и граѓаните придонесуваат за загадувањето, сепак државата треба да преземе мерки за тоа, вели Димитров.

- Треба да преземе мерки, да санира и да обезбеди подобра кллима за инвестирање и решавање, не смее заштитата на животна средина да биде на крајот на приоритетите, вели Димитров.

Од 2010 до 2017 година беа обезбедени услови за започнување топлификација на Битола.

- Апелираме на сегашната локална, но и на централната власт, побрзо да го спроведат тој проект, бидејќи имаме податоци како фосилните горива влијаат на воздухот, и како со нивна замена со централно греење би се намалило влијанието на штетните агенси во воздухот, рече проф.д-р Силвана Ангелевска, Технички факултет Битола.

Дебатата за влијанието на фосилните горива врз загадувањето во Битола го организираше Комисијата за енергетика на Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ од Битола.