Припадници на АРМ спасиле шестчлено семејство додека горел ресторан во семејната куќа
Присебноста и брзата реакција на припадниците на АРМ ноќеска спречија голема трагедија во скопско Дебар маало. 10тина припадници на Армијата учествувале во спасувањето на 6 члено семејство, чија што куќа беше зафатена од страшниот пожар кој ноќеска избувна во кафеаната Мечка.
Опожарениот објект се наоѓа во густо населено место, веднаш наспроти главниот влез во ГШ на АРМ, и поради тоа огнената стихија прв ја забележал еден од војниците кои биле дежурни на пријавницата. Освен пламенот на приземјето од куќата, тој видел дека на вториот кат од објектот има луѓе кои бараат помош.
Веднаш ги информирал своите колеги, кои со скала се упатиле кон опожарената куќа и успеале да ги евакуираат сите станари кои во тој момент биле загрозени од пламените јазици.
За кратко време пристигнала и противпожарната бригада на Град Скопје. При гаснењето интервенирале 18 пожарникари со 8 возила. Опожарени се 250 квадратни метри, а материјалната штета сеуште се утврдува.
Од МВР информираа дека полициски единици извршиле увид на опожарениот објект, и во тек е утврдувањето на причините за пожарот.
