Македонија
18. November 2018 - 17:02

МВР и Обвинителството има информации за соучесници во бегството на Груевски

Полицијата и Обвинителството имаат информации за дејствијата и можните соучесници во организирањето на бегството на екс премиерот Груевски. Од МВР за Сител велат дека во координација со обвинителите во моментов се преземаат активности за потврдување на сознанијата, но повеќе детали не може да бидат соопштени бидејќи целата истрага се уште е во тек.

Од МВР велат дека се работи и на истрага внатре во полицијата за да се провери, евентуалната вмешаност на полициски службеници

„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во МВР изврши непосредни проверки, собра потребни известувања и изврши увид во службената документација во Одделот за граѓански работи, Одделот за гранични работи и миграции, Секторот за меѓународна полициска соработка, Одделот за заштита на определени личности и објекти, Одделот за оперативна техника и Секторот за внатрешни работи Скопје. Извештајот ќе биде доставен до ОЈО со цел превземање понатамошни мерки“ – велат од МВР за Сител.

И додека полицијата истражува, од СДСМ го обвинуваат лидерот на опозицијата за вмешаност во бегството на Груевски

Во меѓувреме Македонија ја подготвува документацијата со која ќе побара Груевски да биде екстрадиран од Унгарија. И покрај тоа што Скопје и Будимпешта никогаш не потпишале договор за екстрадиција, од Министерството за правда за дел од медиумите брифираат дека целата постапка ќе се води врз основа на договори за меѓународна соработка кои Унгарија ги склучила со СФРЈ уште во педесеттите и шеесеттите години на минатиот век.

Бегството на Груевски во Унгарија резултираше со експресно притворање на екс министерот за транспорт Миле Јанакиески и поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски.
За опозициската ВМРО-ДПМНЕ тоа е врв на политичкиот прогон.

Од ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш побараа Судот да ослободи од притисоци и да ги уважи жалбите кои Јанакиески и Божиновски ги имаат поднесено за притворот.