Македонија
4. November 2015 - 12:55

Ново намалување на цените на 282 лека

Министерството за здравство изврши ново намалување на цените на вкупно 282 лека. Со ова осмо по ред намалување, вкупната годишна заштеда ќе биде над еден милион евра.

Со намалувањето опфатени се лековите за болничко лекување и лековите кои граѓаните ги купуваат во аптеките.

- Намалувањето на цените на лековите е системска реформа на Владата на република Македонија и Министерствоот за здравство и Агенцијата за лекови која во континуитет ја спроведуваме со цел да овозможиме поголема достапност на лековите кои се неопходни за лекување на одредени заболувања, како и за превенција и одржување на здравјето, истакна министерот за здравство Никола Тодоров на денешната прес-конференција.

Тој појасни дека намалени се малопродажните и големопродажните цени на 203 генерички лекови и на 79 оригинатори и иновативни лекови.

Најголемо намалување на малопродажна цена кај некои од најчесто употребуваните генерички лекови има кај „золендронска киселина“ - лек за третман на остеопороза и рак на коски, „лориста Х“ - лек за висок крвен притисок, „еманера“ - лек за гастроинтестиналниот тракт, „пропофол липуро“ - емулзија за инјектирање или инфузија и „реодон“ - лек за третман на дијабет.

Кај оригинаторите и иновативните лекови најголемо намалување на малопродажна цена има кај „церезим“ - лек за третман на Гоше, вродено ретко заболување, „авонекс“ - лек за третман на Мултипла склероза, „клексан“ и „рофилак“.

- Министерството за здравство ќе продолжи со применување на оваа мерка за намалување на цените на лековите и во иднина, во насока на зголемување на нивната достапност и овозможување значителни заштеди, рече министерот Тодоров.

Со претходните седум намалувања на цените на лековите почнувајќи од 1 февруари 2012 година вкупно се опфатени над 4.500 лека, а вкупната остварена заштеда за здравствениот систем изнесува околу 32 милиони евра, средства кои остануваат во системот и се пренаменуваат за други здравствени услуги. Повеќепати се намалени амлопидинот, клопидогрелот, лосартанот и бонвитата.