Мало царство во срцето на Преспа - фармата „Spirit of Prespa“
На само неколку километри од Ресен, во селото Царев Двор е сместено малото овошно царство, фармата „Spirit of Prespa“ (Духот на Преспа). Скромни, љубезни, полни со ентузијазам и позитивна енергија Виолета и нејзините две ќерки Ана и Елена не пречекаа во дворот на, како што ја нарекуваат, фармата. Овие млади жени со своите семејства посветено работат на плантажите со јаболка, цреши, сливи... Од дворот на семејната куќа продолжуваат насадите на површина од пет хектари.
Покрај јаболковите насади, каде што бербата е во полн ек, застапени се цреши и сливи на поголема површина, но не изостануваат и насадите од праски, вишни, ореви, лешници, костени, малини... Дел од дворот е и зеленчукова градина, а неизостануваат и кокошките и трите мали мачиња. При посетата ја прошетавме фармата, а пред нас се издигаше есенска слика, пожолтени ливчиња на дел од овошките и опоен мирис од прекрасните јаболка засадени во повеќе сорти, меѓу кои ајдарет, црвен делишес, боскоп, јонаголд. Насадите, дел стари и по 35 години, а дел осумгодишни со нависнати гранки и богат род. Сезонските работници ги собираа плодовите.
Фарма од отворен тип
Поголемата ќерка Ана Лабор е петта генерација сопственик на фармата, која опстојува од 1960 година. Минатата година добила идеја за брендирање на производите и отворање на фармата за посетители.
- Правиме настани за собирање цреши, сливи, јаболка, во согласност со сезоната. Сега секој викенд имаме тури за берење јаболка. Имаме различни гости - ученици, фирми, амбасади... доаѓаат, прават тим билдинг и уживаат. Најпрво групите доаѓаат во дворот, за добредојде ги послужуваме со традиционално кафе и домашна штрудла, пита со сезонско овошје или некое благо карактеристично за преспанскиот регион, како и сокчиња од зрнесто овошје од нашата фарма, раскажува Лабор.
Секој посетител добива брендирана торба и тргнуваат во обиколка на овоштарникот. Таму им раскажуваат за плодовите, како се одгледуваат и се што ги интересира, а потоа ги полнат торбите со јаболка или овошје што е актуелно во сезоната.
- Со тракторска приколка дечињата ги носиме на обиколка, потоа прават натпревар кој повеќе јаболка ќе собере и на крај си ги земаат собраните јаболка. Гостите најмногу ги привлекува природата, сами си собираат овошја, се дружат, се забавуваат, вели Лабор.
Во иднина планира изградба на куќа со апартмани, мал ресторан и конференциска сала во близина на овоштарникот, по барање на посетителите. Идејата, како што појасни, им е гостите сами да си прават појадок со домашни производи, јајца и зеленчук од градината.
Година богата со род, дел од плодовите преработени дома
Семејството очекува околу 150 тони јаболка. Бербата, иако е во полн ек, е завршена до половина. Првите 10 тона се продадени за во супермаркети. За 50 тони ајдарет имале склучен договор со откупно-дистрибутивниот центар „Епл ленд“, а остатокот го складираат во магацин.
Годинава, сопствениците не биле задоволни од цената на црешата и сливата и направиле мармалад со кои ги послужуваат посетителите на фармата. Гостите може да си купат и за дома домашно приготвен мармалад.
Најдобра жена овоштар за 2018 година
Главата на семејството, мајката Виолета Прцуловска, го доби општинското признание за најдобра жена овоштар во Општина Ресен. Наградата за трудот и посветеноста кон овошките и беше врачена на манифестацијата „Преспански јаболкобер“. Признанието, како што истакна, е заеднички труд на целото семејство и е поттик повеќе за натамошна посветеност и напредок во однос на овошните насади.
Наградите и признанијата се дел од семејството и кај претходните поколенија. Прадедото на Ана добил награда за црвен делишес на првиот натпревар меѓу јаболкопроизводителите во Преспа во 1973 година.
Слаѓана Стојкова – Костоски/МИА
Ново на Сител
-
Македонија загуби од Литванија иако Димитријевиќ постигна 43 поени
-
Најмалку шест луѓе загинаа во вооружен инцидент во ноќен клуб во Мексико
-
Песков: Бајден ги саботира мировните планови на Трамп за Украина
-
Два вооружени грабежи на Бит Пазар во еден ден
-
Уапсено уште едно лице поради уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад
-
Пронајдени 14 мигранти во Кумановско, од кои четворица малолетни
-
Силекс се искачи на врвот на табелата
-
До крајот на денов сончево со мала локална облачност