Македонија
20. July 2018 - 8:34

Народен собир посветен на Св. маченица Недела

Во скопското село Горна Матка во манастирскиот комплекс Свети Спас и Марков град, односно Света Недела, денеска ќе се одржи Народен собир посветен на оваа маченица.

Церемонија ќе почне во 9 часот со света литургија во остатоците на еднокорабната црква Св.Недела, која потоа ќе продолжи во комплексот Свети Спас. Кумот и Црковниот одбор на Свети спас за одбележувањето на утрешниот верски празник обезбедија соодветна програма и ручек за гостите.

Црквата Света Недела во Горна Матка е мала, еднокорабна, куполна црква за што сведочат остатоците од сводовите на некогашната купола. Анализата направена на фреските и самата архитектура потврдуваат дека црквата датира од периодот меѓу 1350 и 1360 година.

Изградена е од кршен камен, делкан локален камен — варовник и керамички материјал. Според остатоци од камени сводови, може да се заклучи дека куполата се наоѓала над олтарниот дел, при што црквата имала речиси ист или сличен изглед како блиските цркви Св.Никола и Св.Андреја. На дел од ѕидините во внатрешната страна сè уште стои дел од фрескоживописот на црквата. Врз ѕидовите однатре се забележуваат скромни останки на фреско декорација со неколку светители во олтарниот дел, како и фигурата на Св.Недела која и денес може да се забележи на јужниот ѕид.