Објавен „Речник на хомонимите меѓу македонскиот и турскиот јазик“ од Филиз Мехметоглу

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје ја објави лексикографската публикација „Речник на хомонимите помеѓу македонскиот и турскиот јазик“ од Филиз Мехметоглу од Истанбул. Ова е прв научен и лексикографски труд и прва публикација за хомонимите меѓу овие два јазика.
Речникот е адаптирана верзија за печатење на истоимената магистерска теза која беше одбранета во 2015 година на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Овој труд е составен од два дела. Првиот дел содржи текстови со кои се објаснува и се образложува речникот. Најнапред е дадено објаснување на зборот хомоним според лексикологијата и етимолошките речници, се објаснува како термин во смисла на литературата, потоа авторката дава објаснувања за структурата на речникот, главните принципи на речникот, методологија во врска со преводот и принципите за избор на зборовите...
На почетокот Филиз Мехметоглу ја образложува целта на својот труд- проучување на хомоформите, т.е. зборовите со иста форма или ист гласеж, но со различно значење и неповрзано потекло, на релација турски и македонски јазик. Тие критериуми, пак, елиминираат многу зборови кои македонскиот ги презел од и преку турскиот јазик. Авторката констатира дека според нејзината евиденција, темата е слабо разработувана во лингвистиката воопшто, а меѓу македонскиот и турскиот јазик воопшто не е разработена.
Мехметоглу истакнува дека дел од нејзиниот научен интерес се турцизмите во македонскиот јазик. Смета дека пред да се испитуваат турцизмите треба да се проучат оние зборови кои погрешно може да се толкуваат како турцизми, иако тоа не се.
Вториот дел го содржи речничкиот материјал, каде зборовите се дадени по азбучен ред со значењата и во двата јазика. Прво се даваат значењата на македонски јазик, а потоа се даваат значењата на турски јазик со македонски превод. Кај секој збор најпрво се бележи стилистичката употреба (дијалектен говор, арго, вулгаризам и сл.). Потоа од граматички аспект се додава и морфолошката припадност по зборовни групи. Ова има цел да укаже на фактот дека припадноста кон различна зборовна група најчесто е доволен показ дека овие зборови немаат идентично значење во двата јазика.
Филиз Мехметоглу е родена во 1974 година во Штип, каде го завршила основното образование. Во 1985 година со фамилијата се иселила во Истанбул. Гимназија завршила во Истанбул, а потоа на Универзитетот Анадолу дипломирала на Економскиот факултет. Магистрирала на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, а во исто време дипломирала и на Истанбулскиот универзитет, насока филозофија.
Мехметоглу е коавтор на три книги и на 17 научноистражувачки трудови, подготвувани првенствено за меѓународни конференции, симпозиуми и научни списанија. Речиси сите директно или индиректно се однесуваат и на македонскиот јазик. Живее и работи во Истанбул.
Ново на Сител
-

Конститутивна седница на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на незаконски стекнат имот
-

Рекетот на Ѓоковиќ од финалето на АО во 2012 година е продаден за рекордна цена
-

Јапонија вели дека ретки земни елементи се пронајдени за време на длабокоморска мисија
-

Тошковски со видео честитка до граѓаните: На првиот ден од „Безбеден град“ имаме само 500 прекршоци
-

Трамп: Можам да ги натерам земјите кои не ја платиле членарината во ОН веднаш да го сторат тоа
-

Затворен за сообраќајот патот Удово - Валандово, магла на планинските превои
-

Променливо со слаби локални дождови и снег на планините
-

„Безбеден град“ - системот чита регистарски таблички и при брзини од над 200 километри на час во услови на дожд и магла
