Во четврток и петок договорот за името повторно пред пратениците
Пратениците ќе ја прегласуваат ратификацијата на Договорот со Грција за промена на уставното име идниот четврток или петок. Талат Џафери денеска до пратениците го доставил материјалот од Иванов со кој тој го врати законот за ратификација во Собранието со забелешки за неговата неуставност.
Доколку и по втор пат, Иванов не го потпише указот како што најавува, тогаш Џафери вели дека ќе се примени едно решение и за законот за јазици и за законот за ратификација на Договорот имајќи пред вид дека и во двата случи се работи за џебно вето.
Една од опциите на која игра собранискиот спикер е и да се испратат законите во Службен весник на објавување без потписот на Иванов. А за уставните дилеми вели дека може да се изјасни и Уставниот суд.
За 17 јули пак, е закажана седница за избор на нов состав на ДИК кој всушност и ќе треба да го спроведе веќе најавениот референдум за името. Денеска истекува рокот во кој партиите треба да ги дадат своите предлози за ова тело. Како најсериозни кандидати од СДСМ се споменуваат Борис Кондарко и Јанакие Витановски. Од ВМРО-ДПМНЕ пак досега се споменуваа Светлана Карапетрова и Оливер Дерковски, но според партиски информации, можни се и промени.
Референдумот за името пак, доколку се планира за крајот на септември треба да биде распишан до крајот на јули. Џафери, на брифинг со новинарите, појасни и дека согласно роковите од Уставот за уставни измени ќе бидат потребни околу 4 месеци од поднесувањето на уставните амандмани до нивно конечно носење, но и дека ако има политичка волја ќе може да се стигне до ова година да се добие изменетиот Устав согласно спогодната со Грција.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
