Македонија
15. May 2018 - 9:30

Избрани 12-те финалисти за поетскиот фестивал „Литературни искри 2018“

Жири-комисијата на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри 2018“ во Гостивар ги избра поетите кои влегоа во финалето на петтото издание.

Во конкуренција за фестивалските награди на поетската манифестација се: Жаклина Филипова Свеќаровска (Кочани), Пеце Цветкоски (Битола), Цветанче Костоска (Крушево), Катја Вангелова  (Варна, Бугарија), Александар Михајловиќ (Гостивар), Тони Павлески (Прилеп), Никодин Чернодримски (Скопје), Давор Крстевски (Куманово), Владимир Милојковиќ, (Суботица, Србија) Елена Пренџова (Скопје), Теофила Поп Димитрова (Штип) и Снежана Паноска (Прилеп).

Песните ги оценуваше жири-комисија чиј претседател е Раде Силјан (поет, литературен критичар, есеист, член на ДПМ) и членовите: Габриела Петроска, професор по македонски јазик, лектор и Васфије Билали Ејупи, професор по албански јазик. Финалистите беа избрани во конкуренција од стотина автори кои годинава се пријавија на конкурсот. 

На фестивалот ќе бидат доделени: Гранпри, прва, втора и трета награда, награда за најдобар странски автор и најуспешна млада искра. Наградите се состојат од плакети и книги.

Петтото издание на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ во Гостивар ќе се одржи на 26-ти мај, со поетско читање и соопштување на наградените.

Организатори се Здружението за култура „Дунек“ и Центарот за култура „АСНОМ“ од Гостивар, а поетскиот фестивал се одржува во чест на Денот на сесловенските просветители.