Бизнис
19. April 2018 - 19:47

Полесен извоз на млеко, ориз и домати во Србија ќе добие државата со отстапките за српско брашно

Побрз проток на пратки, намалени трошоци и зголемен  извоз во Србија е бенфитот за македонските производители со отстапките што ги направи земјава во спорот со српското брашно. Македонските млечни производи по неколку години ќе се најдат на српскиот пазар.Јогуртот и киселото млеко кои имаат краток рок на траење поради долгото чекање на граница се расипуваа и нашите производители претрпуваа штети.  Со кратењето на времето за лабораториските анализи ваквата состојба ќе се надмине и тие ќе бидат конкурентни на пазарот во Србија. Истото важи и за месните производи. Од Министерството уверуваат дека овие  нови договори со Србија нема да го зголемат увозот на српско брашно кој лани достигна 53 000 тони.

-  Веќе е договорено олеснување при извозот на оризот во Србија, радиоактивноста ќе се проверува на границата без да се чека, за ГМО ќе се признаваат нашите сертификати, анализи за листерија ќе се земаат само при проценка на ризик, а не постојано како сега, се кратат процедурите и за извоз на нашите градинарски производи, договорено е за максимум еден ден да завршат сите постапки, напомена министерот.

Двојно ќе се намалат и цените за лабораториските испитувања. Анализите во Србија чинат околу 500 евра а кај нас 200. Но досега Србија не ги признаваше па извозниците правеа двојни испитувања. За резултатите од анализите чекаа и по 12 дена.Со новите договори за еден ден ќе можат да ги извезат пратките.

Николовски не ја отфрла можноста маркиците за брашното целосно да се укинат. Договорите со сите олеснувања се усогласуваат и двете држави ќе ги потпишат до 30 ти јуни.