Земјоделците во југоисточниот регион градинарските култури ги заменуваат со овошни насади
Од ниви со градинарски култури стануваат овоштарници. Се поголем е бројот на земјоделци од југоисточниот дел кои површините со градинарски култури ги заменуваат со овошни насади.
Промена се прави претежно на површините на кои долги години се одгледуваа градинарски култури на отворено, но и жито.
Од агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството велат дека главна причина за тоа се климатските промени кои последните години негативно се одразуваат на производството на отворен простор.
,, Најповеќе е застапено јапонското јаболко, меѓутоа не е мал бројот на земјоделските производители кои имаат набавено посадочен материјал од овошките кои што спаѓаат во групата на јаткасти овошја, значи тоа се претежно оревот и лешникот.,, вели Стојан Глигоров, АПРЗ - Струмица.
Покрај климатските промени важен фактор за ваквата одлука кај земјоделците биле и подобрите цени и посигурниот пласман на производството од долгогодишните овошни насади.
,,Земјоделските производители веќе се во постапка за пренамена на таквите култури, значи од нива во овоштарници преку катастарот“, вели Глигоров.
Во последните неколку години дел од градинарските култури во струмичкиот регион бележат намалување за 20 до 30%. Од агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството велат дека таков е примерот со доматите, собено на отворено кои подолго време не се произведуваат на површини како некогаш.
ЗОРАН ЃОРЃИЕВ