Работна средба на министрите за земјоделство на Македонија и на Албанија во Охрид
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска во Охрид оствари работна средба со неговиот албански колега, министерот за земјоделство и рурален развој Нико Пелеше.
- На состанокот беа дискутирани повеќе теми од обостран интерес, пред се трговската размена и потенцијалот што постои за унапредување на развојот на земјоделството, производството на храна и максимално искористување на можностите за дополнителна билатерална соработка. Во духот и на Берлинскиот процес разговаравме за потребата од надминување на сите нецарински или нетарифни бариери во интерес на слободниот проток на стоки, како што предвидува членството во ЦЕФТА, истакна Николовски.
Дел од денешната средба бил искористен за дискусии по однос можностите за искористување на средствата предвидени преку ИПАРД програмите на ЕУ.
- Ние сме целосно фокусирани на максимално искористување на средства од ИПАРД 2 програмата, како во делот на акредитација на нови мерки, преку гарантните нови фондови, се до зголемување на капацитетите на Платежната агенција, секако и за можностите за финансирање проекти за прекугранична соработка, преку вмрежување на помали општини во насока на подобрување на квалитетот на живот во руралните средини, додаде Николовски.
Тема на разговор на средбата во Охрид, а за која ќе се дискутира и на следниот нивен состанок закажан за еден месец во Албанија, било и прашањето околу рибарството, пред се во насока на заштита на рибниот фонд на Охридското Езеро.
Министерот Пелеше нагласи дека грижата за рибниот фонд на Охридското Езеро е одговорност на двете држави. Тој ја истакна потребата од интензивна билатерална соработка, како преку системска контрола во самото менаџирање со рибниот фонд, така и преку засилени непосредни контроли на изловот на риба, односно нејзина физичка заштита на двете страни од езерото.
Република Македонија има отворено постапка за ревизија на риболовната основа за Охридското Езеро, со цел заштита на рибниот фонд во езерото, пред се на ендемските видови како пастрмката и белвицата.
- Со албанскиот министер разговаравме за неопходноста од засилени контроли на изловот на риба од двете страни на езерото. Тој информираше дека веќе има преземено мерки и активности со задругата што управува со рибниот фонд од албанска страна. На следната министерска средба ќе бидат разгледувани и информациите на формираните работни групи, сето како потврда на фокусираноста на Министерството за заштита на рибниот фонд на Охридското Езеро, рече Николовски.
Во рамки на ресорното Министерство паралелно тече постапката за распишување оглас за доделување концесија за стопанисување со рибниот фонд на Охридското Езеро, со оглед што годинава истекува договорот со сегашниот концесионер.
Ново на Сител
-
Мицкоски: Писменоста и образованието не се луксуз, тие се основни права и најможно инструменти за трансформација на општеството
-
Меџити: Денот на албанската азбука годинава се одбележува во време на жестока дебата за употреба на јазикот
-
Мицкоски: Ден на албанската азбука – симбол на образованието, културното богатство и напредокот на еден народ
-
Бела куќа: Русија е целосно одговорна за ескалацијата во Украина
-
Земјотрес почувствуван во Македонија
-
Германија го објави кризниот план во случај на војна со Русија
-
Пентагон: САД беа информирани од Москва кратко време пред лансирањето на балистичката ракета против Украина
-
ЦУК: Изминатото деноноќие четири пожари на отворено, сите се изгаснати