Балкан
7. February 2018 - 9:51

Високи претставници на ЕУ и Ердоган ќе се состанат на 26 март во Бугарија

Високи претставници на Европската унија ќе се состанат со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на 26 март во Бугарија, за да разговараат за односите меѓу ЕУ и Турција како и за регионални прашања, изјави портпарол на ЕУ. 

Состанокот во Варна ќе се случи во сенка на нaрушените односи меѓу Турција и ЕУ, а дипломати од Брисел признаа дека некои луѓе од ЕУ едвај се согласиле на тој состанок.

Домаќини на вечерата на која ќе присуствува Ердоган ќе бидат бугарскиот премиер Бојко Борисов и претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, како и претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер.
 
- Ова ќе биде добра прилика здружено да го процениме заедничкиот интерес  и неодамнешните случувања во вашата држава, меѓу кои и областа на владеење на правото и фундаменталните слободи кои остануваат клучни за иградба и перспектива на односите меѓу ЕУ и Турција, се наведува во поканата до Ердоган која му ја испратија двајца високи претставници на ЕУ.

Односите меѓу официјалните претставници на Анкара и ЕУ се влошија по неуспешниот пуч во таа држава во 2016 година и поради вербалните напади на Ердоган упатени кон Германија и Холандија, кои се членки на ЕУ.